• недела, 24 ноември 2024

Отворениот повик за кофинансирање развојни проекти во рамки на билатералната развојна соработка со Словенија

Отворениот повик за кофинансирање развојни проекти во рамки на билатералната развојна соработка со Словенија
Скопје, 18 јули 2022 (МИА) - Mногу е важно да се аплицира со квалитетни проекти кои имаат затворена финансиска конструкција за потоа да може да се овозможи успешна имплементација и да се обучат луѓе за да подготват добри проекти, тоа важи и на локално ниво и за користење на европски фондови. Ова се дел од заклучоците од денешниот информативен настан за отворениот повик за кофинансирање развојни проекти во рамки на билатералната развојна соработка, објавен од страна на Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија. Организатори на информативниот настан се Секретаријатот за европски прашања и Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија. Совенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан соопшти дека позитивно се изненадени од големиот одѕив на претставниците на општините. Тоа е знак, како што рече, дека има многу потреби. -За нас како амбасада таков одѕив е доказ дека Словенија е за сите вас еден важен партнер за такви проекти. Сметаме дека овој облик на информирање ќе биде најефикасен и најоперативен бидејќи како амбасада добивме многу прашања од општините и други институции, а можноста за финансирање проекти од словенечка развојна помош и соработка, рече Предан. Државниот секретар во СЕП Дрита Абдиу Халили нагласи дека Словенија е една од нашите најблиски партнери и пријатели во процесот на интеграцијата на ЕУ. -Како дел од својата надворешна политика, Владата на Република Словенија распределува годишни развојни средства за поддршка на развојните цели на своите партнери, меѓу кои со задоволство би рекла дека Северна Македонија е висок приоритет, рече Абдиу Халили. Додаде дека согласно Стратегијата за развојна соработка и хуманитарна помош на Република Словенија до 2030 година, Северна Македонија продолжува да биде еден од најголемите географски приоритети за развој на помош. Таа изрази благодарност до словенчкиот амабасдор Милан Предан, неговиот тим и Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија (CMSR) за посветеноста и придонесот кон постигнување одлични резултати на соработката во изминатиот период. Според неа, поддршката за инфраструктурни и инвестициски проекти особено во областа на животна средина е секогаш актуелна и потребна, а ова најчесто се и најскапи проекти кои честопати наложуваат соработка на повеќе развојни партнери. -Улогата на СЕП како национален координатор за ЕУ интегративниот процес и национален координатор на странска помош во државата е клучна во процесот за овие средства ефективно и рационално да се насочуваат во развојните проекти и приоритети. Како дел од најважните критериуми при селекција на проектите ги посочуваме усогласеноста со националните стратешки приоритети, зрелоста на проектите, многу е важно да се аплицира со квалитетни проекти кои имаат затворена финансиска конструкција за потоа да може да се овозможи успешна имплементација, потенцира Абдиу Халили. Таа информира дека Владата останува посветена на реализацијата на проектите кои придонесуваат кон зелената агенда, ублажување на климатските промени и унапредување на мрежите и пречистителни станици за вода за пиење, отпадни води и слични проекти кои се и приоритети на тековниот повик. Директорката на Центарот за меѓународна соработка и развој на Словенија Мојца Копша ја претстави билатералната развојна соработка меѓу Словенија, преку CMSR и процесот на аплицирање за проекти. -Република Словенија од 2007 до 2019 година преку CMSR поддржа 12 развојни проекти во Северна Македонија, сите веќе се завршени. Годинава почна реализација на два нови проекти, кои ќе бидат кофинасирани од страна на Република Словенија, изјави Копша. Во рамки на настанот ќе биде потпишан еден грант договор помеѓу Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија и Општина Охрид, проект со кој ќе се реконструира пречистителна станица за вода за пиење и ќе обезбеди вода за 55.000 жители на Општина Охрид. На настанот присуствуваа градоначалници, претставници на општини и на повеќе јавни претпријатија во земјава. мд/аа/    

Остани поврзан