• вторник, 12 ноември 2024

Отворена школа за доење во Клиничка болница Тетово

Отворена школа за доење во Клиничка болница Тетово

Тетово, 25 декември 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити, заедно со генералниот директор на Пивара Скопје, Душан Митрев денеска ја промовираа „Роса школа за доење“ во Клиничка болница Тетово. Тие потпишаа и меморандум за соработка за опремување на уште две нови школи за доење во јавни здравствени установи во државата.

Овој месец, освен во болница во Тетово опремена е школа за доење на Клиниката за детски болести во Скопје.

- Сите мајки и идни родители ќе имаат можност со поддршка од медицински лица да добијат стручна помош во овој процес, вклучувајќи и едукација за важноста и придобивките од доењето. По тој повод сакам да ја истакнам одличната соработка со Пивара Скопје како општествено одговорна компанија со чија поддршка во рамки на втората фаза на овој проект годинава промовираме две нови школи за доење од вкупно шест досега. Претходно се отворени девет „Роса школи за родителство“ во повеќе јавни установи со цел поддршка на родителите во раните фази на родителство, истакна министерот Меџити.

Директорот на Пивара Скопје, Митрев рече дека оваа соработка со Министерството е почната во 2018 година што има резултирано со девет школи за родителство.

- Имам отворено школи за доење во Клиниката за гинекологија и акушерсто во Скопје, во Детската клиника во Скопје, во болниците во Велес и Охрид, како и во Клиниката за гинекологија во Чаир. Тетовската школа за доење е целосно реновирана и модерно опремена, благодарение на нашето партнерство со Министерството за здравство преку кампањата за поддршка на доењето. Овие школи се наменети за сите идни родители кои сакаат да се едуцираат како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат нивните нови улоги. Се надеваме дека што повеќе мајки и родители во Тетово и околината ќе ја посетат оваа школа за доење и лично ќе ги уживаат придобивките од нејзиното функционирање, истакна Митрев.

Тој рече дека и нивните потрошувачи даваат поддршка на оваа кампања.

- Тука сакам да нагласам дека овие школи за доење, доаѓаат како резултат и од поддршката на нашите потрошувачи ја препознаа нашата кампања со оглед дека издвојуваме еден денар од секое продадено шише Роса од 1,5 литар и шише од половина литар. Преку нивната поддршка директно придонесуваат во реализирањето на оваа платформа, рече Митрев.

Благодарноста за соработката и донацијата изразија директорите на Клиничка болница Тетово, Илир Демири и Блерим Османи, како и д-р гинеколог Мерал Реџепи. ас/дма/

 

Фото: МИА 

Остани поврзан