• четврток, 26 декември 2024

Отворена сензорна соба во ООУ „Хасан Приштина“ во Чаир

Отворена сензорна соба во ООУ „Хасан Приштина“ во Чаир

Скопје, 4 ноември 2022 (МИА) - Од денеска ООУ „Хасан Приштина“ - Чаир располага со сензорна соба опремена со мноштво дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема. Оваа активност е спроведена како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија и претставува уште една активност во насока на подобрување на инклузивноста на основните училишта во државата.

 -Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да придонесе кон суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните училишта. Овој проект го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука, информираат од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Адем Идризи од Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ вели дека во рамки на овој проект се доделуваат стипендии на учениците со попреченост, а се поддржуваат и наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој.

-Се обезбедува и туторска поддршка за нашите стипендисти, а работиме и на подобрување на пристапноста и инклузивноста на училиштата. Во таа насока е и оваа денешна активност, опремување на сензорна соба, која ќе придонесе секое дете да има право на квалитетно образование, истакна Идризи.

Оваа сензорна соба претставува специјално опремена просторија со цел да се даде поддршка на учениците со и без попреченост во совладување на образовните цели. Во ООУ „Хасан Приштина“ - Чаир учат повеќе од 1100 ученици, од кои 22 ученици со попреченост ќе имаат директен бенефит од сензорната соба.

-Општина Чаир се застапува да ги подобри условите за учење на сите деца во општинските училишта преку континуирано инвестирање во училиштата, подобрување на пристапноста до и во училиштата, пронаоѓање начини за подобрување на подготвеноста на наставниот кадар и обезбедување на услови за инклузивно образование. Изразуваме благодарност до донаторот, Европската Унија, и до Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ заради тоа што од денес децата со атипичен и типичен развој во овој простор со поддршка на стручната служба ќе имаат можност да работат на постигнување на својот образовен потенцијал, вели секретарот на општина Чаир, Фарук Невзади.

Директорката на ООУ„Хасан Приштина“ - Чаир, Есма Фазлија, истакна дека оваа сензорна соба е опремена со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со комбинирани пречки, учениците од аутистичниот спактар, со АДХД,  и др. и претставува чекор напред во градење на инклузивна клима во училиштето. сст/са/

 

Остани поврзан