• четврток, 19 декември 2024

Отворена Поликлиника Сарај,  ќе опслужува 45 илјади жители

Отворена Поликлиника Сарај,  ќе опслужува 45 илјади жители

Скопје, 10 јануари 2024 (МИА) - Започна со работа новата Поликлиника Сарај, што ќе опслужува над 45 илјади жители. Инвестицијата е во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство. Новата здравствена установа беше пуштен во употреба денеска во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и министерот за здравство Фатмир Меџити.

Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесетина населени места, меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други. Досега, пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров. 

- Ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме. Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје и со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство. Во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија, рече Меџити. 

Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија. 

- За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар, за што во декември, минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили, како што се доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар наменети за Поликлиника Сарај. Максимално сме посветени кон зајакнување на јавното здравство преку подобрување на инфраструктурата, набавка на нова опрема, нови лекови и вложување во човечкиот капитал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период, нагласи Меџити. 

Премиерот Димитар Ковачевски потенцираше дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет, истакнувајќи дека ги исполнуваат долгогодишните очекувања и потреби на граѓаните од овој дел на Скопје.

- Првпат жителите на Сарај добиваат примарна здравствена грижа во нивното место за живеење. Со новата поликлиника, се олеснува пристапот до квалитетен здравствен третман на жителите во оваа општина. Со отворањето на Поликлиника Сарај, инвестиција вредна близу 1,3 милиони евра, буџетски средства, обезбедуваме современи услови за лекување и здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, рече Ковачевски, осврнувајќи се на  вложувањата во подобрување на здравствениот систем. бд/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан