• среда, 25 декември 2024

Отворена оперативна акција „Пожар 2024“: Целосна мобилизација на МВР во спречување и справување со пожарите

Отворена оперативна акција „Пожар 2024“: Целосна мобилизација на МВР во спречување и справување со пожарите

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Во Mинистерството за внатрешни работи денеска се одржал координативен состанок на министерот за внатрешни работи ПанчеТошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и началниците на секторите за внатрешни работи и други организациски единици во МВР на кој тема била целокупната состојба со пожарите што ја зафатија нашата држава, активностите што ги презема МВР заедно со другите институции за нивно гасење и активностите за превенција од настанување на нови пожари.

Како што соопшти МВР, на состанокот е донесен заклучок за целосно мобилизирање на сите расположливи човечки и технички ресурси на Министерството под оперативна акција „Пожар 2024“.

-Со оваа оперативна акција сите материјално-технички средства со кои располага МВР, ќе бидат ставени во функција на справување со пожарите. Секторите за внатрешни работи како регионални единици на МВР ќе бидат постојано на терен со зголемено присуство и тесно ќе соработуваат со останатите сектори како Одделот за специјални полициски операции, Одделот за воздухопловни единици, Одделот за гранични работи и миграција, Крим полицијата и други оддели при Бирото за јавна безбедност. Присуството на полицијата на терен ќе биде зголемено. Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, наведуваат од МВР.

Воедно, се апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа, а доколку забележат какво било сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112.

-Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми, порачуваат од МВР. вг/дма/

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан