• среда, 27 ноември 2024

Отворена нова детска градинка во тетовско Камењане

Отворена нова детска градинка во тетовско Камењане

Kамењане, 21 јануари 2021 (МИА) - Населеното место Камењане при Општина Боговиње од денеска има нова градинка во која може да се сместат 87 деца.  Градинката ќе функционира во целосно реконструиран објект на поранешното училиште, а средствата во висина од 16 милиони денари се грант на Министерството за труд и социјална политика.

-Градинката е именувана „Јета“/„Живот“, што е многу симболично име за сместување на деца од предучилишна возраст. Тоа значи влез на нашите најмлади - децата во процесот на воспитување и образование нешто што претставува предуслов за подготовка понатаму во образовниот процес за изградба на млади и квалитетни личности кои ќе се соочат со предизвиците на животот и секако ќе го градат нашето општество. Важноста на предучилишното образование ја истакнуваат сите стручи лица но и ние како родители и носители на политички одлуки сме свесни дека квалитетното предучилишно образование ссо подготвени професионалци како воспитувачи така и негуватели користејќи ги најновите сознанија од науката се најдобар начин најмладите да се подготват во воспитно образовниот процес, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Предвидена е поделба по пет возрасни од 0 до шест години, а веќе е подготвен и персоналот кој ќе работи во оваа градинка.

-Значаен ден за нас за сите во општината бидејќи со оваа градинка може да ги донесат тука децата од населените места во општината. За прв пат имаме градинка наша бидејќи функционираше само градинка во рамки на установата Младост од Тетово. Сега имаме добри услови да се носат тука децата, битно е што животот почнува тука за прв ќе се адаптираат на новиот живот за нив. Секој народ кој сака да оди напред мора да инвестира кај децата, истакна градоначалникот на Општина Боговиње, Албон Џемаили.

Министерката Јагода Шахпаска рече дека ова е осма градинка која се отвора од 30 август 2020 досега.

-Опфатени се со новите градинки 752 деца во предучилишно образование, а 1900 дополнителни места ќе има за деца да се згрижат во новите објекти што се планираат да се отворат на ниво на државата, рече министерката.

Таа потсети на заложбата на владата до крај на мандат 60 проценти од сите деца на предучилишна возраст да бидат опфатени со згрижување во вакви установи. ас/сст/

Остани поврзан