• среда, 25 декември 2024

Отворена Ликовната колонија ,,Михајлово - Кавадарци 2024"

Отворена Ликовната колонија ,,Михајлово - Кавадарци 2024

Кавадарци, 20 август 2024 (МИА) - Ликовната колонија "Михајлово - Кавадарци 2024", од меѓународен карактер, вечерва по 28-ми пат беше отворена во кавадаречкиот Дом на културата „Иван Мазов - Климе". Станува збор за проект поддржан од Министерството за култура и локалната самоуправа. Триесетина уметници од земјава и од Турција, Косово, Србија, Германија и од Бугарија, ќе творат до 26 август во вила Моклиште.

Колонијата стартуваше со самостојна изложба на ликовниот уметник Томе Мишев, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовни уметници, има реализирано многубројни самостојни и групни изложби и добиено безброј награди во делот на уметноста. Директорката на Домот, Јулијана Туриманџова појасни дека Мишев е само еден од многуте уметници кои оваа година ќе ја збогатат ликовната колонија. 

-Во најновиот циклус на слики изработени од академскиот уметник Томе Мишев, воочуваме напор за креирање на еден духовен понтонски мост којшто треба да се инсталира меѓу поставените дела и набљудувачот и во еден момент да се добие чувство за поврзување на човечкото со природата. Томе Мишев, иако интуитивно, сосема исправно го наоѓа патот кон реализација на оваа замисла обележувајќи ја траекторијата на контактот на база на секојдневните човечки искуства меѓу кои и воспоставување на првичната комуникација со помош на бојата и четката, без зборови, само со израз на лицето коешто кажува за состојбата на душата пред да биде кажан и еден збор, рече Туриманџова.

Пред присутните се обратија и Мишев и  ликовниот уметник и ментор на колонијата, Владимир Темков. 

Ликовниот критичар,  Климе Коробар за Мишев рече дека е сликар со извонредна динамика што јасно се гледа во потезот, страста при создавањето на ликовните дела.

-Неговото сликарство го врзува за поднебјето во кое израснал, природата - пејзажите кои длабоко се врежале во неговото паметење како и прекрасните безгрижни летни денови. Во повеќето негови дела е присутно летото при што светлината се истура како поплава врз сликите и се чини дека делата авторот ги создал на пладне кога Сонцето е високо и жари со целата своја топлина и светлина, рече Коробар. 

Тој подвлече дека Томе Мишев е навистина раритетен сликар со изразита креативност, што ја заслужува нашата почит. свд/вг/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан