• петок, 08 ноември 2024

Отворена истрага: Германското МНР неоправдано издавало влезни визи

Отворена истрага: Германското МНР неоправдано издавало влезни визи

Берлин, 27 јуни 2024 (МИА) – Државните обвинителства во Берлин и Котбус покренаа истрага против неколку вработени во германското Министерство за надворешни работи поради сомневање дека наредиле издавање илјадници визи за влез во Германија и покрај недоволните документи, јавуваат германските медиуми, пренесе Хина.

-Вработените се осомничени дека на вработените во германските конзуларни претставништва им наредиле издавање влезни визи за Германија и покрај недоволните, па дури и фалсификувани документи, јавува порталот Фокус, повикувајќи се на извори од правната фела.

Од МНР потврдија дека покренале истрага, но соопштија дека се работи за „поединечни случаи“.

Германските медиуми јавуваат дека во последните пет години во Германија врз основа на неоправдани визи емигрирале неколку илјади странски државјани, кои веднаш по пристигнувањето во Германија поднеле барање за политички азил.

Носители на спорни визи се претежно државјани на Авганистан, Сирија, Турција, но и Пакистан и неколку африкански земји. Медиумите не ги наведуваат мотивите за можните постапки на осомничените.

Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) побара од министерката за надворешни работи Анален Бербок, од партијата на Зелените, да сведочи пред парламентот за овие обвинувања што е можно поскоро.

Неодамна, на западот на Германија беше откриен синџир на шверцери, кои за големи суми издавале дозволи за престој во Германија на богати граѓани на Кина и Саудиска Арабија.

Според анкетите на јавното мислење, проблемот со неконтролираната имиграција е најголемиот социјален проблем за германските граѓани.сд/

фото:ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан