• четврток, 26 декември 2024

Отворена изложбата „Украина се сеќава, светот признава!“ по повод Денот на сеќавање на Гладоморот – 26 ноември

Отворена изложбата „Украина се сеќава, светот признава!“ по повод Денот на сеќавање на Гладоморот – 26 ноември
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) - Во Собранието денеска беше отворена изложбата „Украина се сеќава, светот признава!“ по повод Денот на сеќавање на Гладоморот – 26 Ноември, на која беа претставени информативни материјали од вештачки создадениот глад од страна на советските власти во Украина во 1932/33, познат како Гладомор. Материјалите на изложбата покриваат речиси половина век и таа почнува со тоа каква била Украина пред оваа трагедија, а завршува со приказна за одржување на сеќавањето на Гладоморот во модерната украинска држава. Претседателот на Собранието, Талат Џафери на отворањето на изложбата истакна дека во принцип, секогаш е потежок патот што го поминува борбата на доброто против злото, но дека тоа што не разликува и ни дава сила да истраеме на тој трновит пат е цврстата волја, верба и надеж дека сме извлекле поука од минатото и сме се бореле на сите можни начини да не се повторат тие грешки и во иднина. - За жал, историјата се повторува. Сега се други средствата, меѓутоа во принцип, намерата е иста и таа не е воопшто хумана - да се покорат на сите можни начини Украина и Украинците, а и агресорот е ист. Што е уште понелогично, се работи за земја членка на Советот за безбедност, кој што е еден од шесте тела на Обединетите нации и е конкретно задолжен за обезбедување на светскиот мир и безбедност, истакна Џафери. Тој потсети дека на светот му требаа цели 90 години да признае на ниво на влади или парламенти во голем број на држави од демократскиот свет дека Гладоморот е акт на геноцид, а Европскиот парламент на 23 октомври 2008 година усвои Резолуција со која се признава Гладоморот како злосторство против човештвото. - Тоа не е доволно. Злосторство или геноцид, тоа мора да се именува и да се викне толку гласно за да одекне и остави белег во сечиј ум и разум, во сечија совест и одговорност дека се посегнува по највредното, по најскапоценото - по животот. На деца, жени, стари и млади - без разлика, со сите однапред испланирани и спроведени систематски начини на истребување на еден народ и една држава. Толку системски што дури не се знае, ниту точната бројка на жртви која според различни извори се движи од 4 до 15 милиони жртви. Тоа не се зрна песок, тоа се живи семејства, широки насмевки, успеси и солзи, тоа се човечки судбини, додаде Џафери. Претседателот на Собранието апелираше да не дозволиме сè да се претвори во пепел, бидејќи премногу сме вложиле и сме жртвувале и ние и нашите предци и нивните предци. - Да не дозволиме злото да затропа и на наша врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика, порача Џафери. Амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир потенцира дека Гладоморот е геноцид на украинскиот народ, кој беше предизвикан од „намерно организираните дејствија на сталинистичкото комунистичко раководство, со цел да се создаде вештачки глад во 1932-1933 година во Украина, како резултат на кој загинаа милиони и милиони луѓе“. - Поминаа 90 години од геноцидот наречен Гладомор, но сега - Ирпин, Буча, Лиман, Изум, Мариупол - се посебни симболи на геноцидот извршен од постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Вршејќи геноцид во Украина, членка на Советот за безбедност на ОН го истребува цивилното население на Украина, убива, мачи, предизвикува тешки телесни повреди, насилно пренесува деца во Руската Федерација, намерно уништува станови, болници, училишта, цивилна енергетска инфраструктура во предзимскиот период, изјави Дир. Таа потенцира дека сегашниот геноцид продолжува токму затоа што претходниот геноцид не беше казнет. - Само постепено, со текот на времето, почнавме да ја дознаваме вистината за злосторството Гладомор. Сега, повеќе извори ни ги покажуваат злосторствата што руската армија ги прави во Украина речиси во реално време, рече Дир. Таа посочи дека украинската Врховна рада апелираше до странските парламенти и влади да ги признаат злосторствата што Русија во моментов ги врши на територијата на Украина, како „геноцид врз украинската нација“. - Украина, исто така, повикува за признавање на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, како геноцид врз украинскиот народ. Признавањето би претставувало неверојатно силна поддршка и би додало духовна сила на оние кои се наоѓаат на првата линија на фронтот и се борат за правото на живот, рече украинската амбасадорка. Заменик народниот правобранител Јован Андоновски нагласи дека човековите права се права кои што ги имаме единствено само заради тоа што постоиме како луѓе, посочувајќи дека тие не се дадени од некоја држава, но државите и надлежните се должни да ги заштитат и да ги поддржат. Првиот човек на ЦИВИЛ, новинарот Џабир Дерала истакна дека „геноцидната војна“ што ја води Русија, негирањето на украинската нација, јазик и идентитет, анексијата на делови од територијата на суверената држава Украина и систематското спроведување на терор против цивилното население, целосно го уриваат меѓународниот поредок. - Војните за освојување територии и претворањето на енергенсите и храната во оружје сега се реалност за светот. Исправени сме пред новата мрачна реалност - секојдневни конфликти, нови жестоки воени жаришта и бранови на терористички напади, нуклеарни закани, кибер војни, глад, несигурност и брутални насилства насекаде во светот, рече Дерала, кој упати и апел до пратениците во Собранието да го прогласат Гладоморот за геноцид и да продолжат со благородната поддршка на украинската борба за слобода. фф/сп/

Остани поврзан