• сабота, 23 ноември 2024

Отворена изложбата „Реминисценции“ на Марјан Ѕингаров во КИЦ на РСМ во Софија

Отворена изложбата „Реминисценции“ на Марјан Ѕингаров во КИЦ на РСМ во Софија

Софија, 7 март 2023 (МИА) - Во Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија вечерва беше отворена изложбата „Реминисценции“ на познатиот македонски сликар, кој живее и работи во Софија, Марјан Ѕингаров.

За изложбата говореа д-р Иво Пецов, кој зборуваше за апстрактното сликарство на Ѕингаров, познатиот бугарски новинар Даниел Менчев, како и директорот на КИЦ на РСМ во Софија, Сашко Насев, кој пак се осврна на естетиката и културата која, како што рече, секогаш гради мостови меѓу луѓето „каде и да се , кои и да се“.

Во присуство на голем број дипломати, уметници, новинари и пријатели на КИЦ изложбата ја отвори амбасадорката на РСМ во Бугарија, Агнеса Руси - Поповска, која потенцираше дека ќе работи во унапредувањето на односите меѓу двете држави.

Сликарот Марјан Ѕингаров доби благодартница од Сашо Тодоровски, директор на културните институции во Куманово за несебичната помош во воспоставувањето на уметничките врски меѓу Куманово и Русе.

Марјан Ѕингаров е роден 1976 година во Струмица. Дипломирал во 2002 г. и магистрирал во 2005 г. на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија.

Има реализирано девет самостојни изложби во Северна Македонија, Бугарија и Романија. Учесник на групни изложби во Северна Македонија, Бугарија, Грција, Србија, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Полска, Чешка, Романија.

Носител е на Годишната награда на Општина Струмица, Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици за 2022, за особен придонес во областа на културата и уметноста.

Носител е на Втората награда на Четврти меѓународен конкурс за апстрактна уметност "21 х 21" 2022 на Галерија CUBE во Софија.

Со овој настан започна богатата програма на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија за 2023 година. дма/сст/

Фото: Културно-информативен центар на Република Северна Македонија во Софија

Остани поврзан