• петок, 27 декември 2024

Отворена изложбата „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски во Горњи Милановац

Отворена изложбата „Простор и форма“ на Мице Јанкуловски во Горњи Милановац

Скопје, 23 октомври 2024 (МИА) - Во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац, синоќа беше отворена самостојната изложба „Простор и форма“ од Мице Јанкуловски. Изложбата ја отвори директорот на Центарот за култура, Драган Арсиќ, а кураторот Корнелија Конеска пред присутните го објасни концептот на изложбата. 

На изложбата е претставена меѓузависноста помеѓу просторот и формата на многу специфичен начин: со сликарство и графика, со многу големи и многу мали формати, но само со една боја (црната) – се во стилот на авторот Мице Јанкуловски.

Јанкуловски е уметник кој твори повеќе од 55 години и во текот на професионален развој стана препознатилив по своите атрибути:
МОНОХРОМНОСТ – зашто слика само со една боја, црната
МОДУЛАРНОСТ – зашто форматите на неговите дела се секогаш претходно осмислени и во меѓусебна зависност едни од други
МУЛТИПЛИКАЦИЈА – зашто формите кои ги користи во своите слики ги мултиплицира, а ги мултиплицира и платната во големи полиптиси
МИНИМАЛИЗАМ – зашто својата уметничка цел ја постигнува со минимум елементи, што всушност е најтешко да се направи, но сепак зборуваме за уметник со над 55 годишно активно уметничко творештво!

Од богатиот опус на неговото творештво, пред вас, нашата ценета публика, се претставуваме концепт од сериите „Круговите на Леонардо“, серија која започна во 2017 и првото дело од оваа серија беше носител на Наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на Фиренца биеналето 2019. Дел од следните дела, триптихот „Круговите на Леонардо II“ и  „Круговите на Леонардо III“, како и сегмент од поврзаното со истата тематика дело „Ноќите на Тоскана“ - се изложени во Модерната галерија во Горњи Милановац. 

Идејата за ова серија Јанкуловски ја црпи од „Студијата за водата“ направена од страна на големиот Леонардо да Винчи, во која тој објаснува дека водата која паѓа од височина создава концентрични кругови кои никогаш не се сечат меѓу себе. Вистински предизвик за претставување на апстракцијата на оваа студија на платно!

Паралелно со нив се претставени и графичките дела Формите на Венеција и Формите на Фиренца (Омаж на Еугенио Монтале), претставени како триптих на сериграфии со апликација на флок, печатени во студиото за графика Фалани во Венеција. Формите во овие свои дела Јанкуловски ги сведуваат на судир меѓу црното и белото.

Изложбата ќе биде поставена во Модерната галерија на Центарот за култура во Горњи Милановац до 7 ноември 2024. дма/

Фото: Мице Јанкуловски

Остани поврзан