• четврток, 26 декември 2024

Отворена изложбата по повод 110 години од раѓањето на првата македонска сликарка Лена Стефанова

Отворена изложбата по повод 110 години од раѓањето на првата македонска сликарка Лена Стефанова

Скопjе, 21 декември 2023 (МИА) - Во Националната галерија во Скопје вчера беше отворена изложбата посветена на одбележување на 110 години од раѓањето на првата македонска сликарка Лена Стефанова како интегрален дел од богатата Програма на Националната галерија во рамките на одбележувањето на јубилејот 75 години постоење.

Членовите на семејството, како и бројната публика имаа несекојдневна можност да застанат пред уметничката компилација, збирка поставена на едно место, во толкав обем, во прекрасниот амбиент на Чифте амам. Богатата поставка ги опфаќа трите сликарски техники во кои работела уметницата: масло на платно, цртежи и акварел.

На отворањето, за животот и делото на Лена Стефанова говореа директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, историчарката Викторија Васева Димеска и кураторката Татјана Бундалевска.

Лена Стефанова се школувала во престижното француско училиште (Ecole Franco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства.

Како што соопштуваат од Националната галерија, еднакво спонтан е и нејзиниот пристап кон педагошката работа. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.

Старова Ќерими истакна дека во историјата  на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место.

-Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност,Нејзината вродена дарба, раната определба за сликарството, неверојатната упорност и доследност во творештвото, пред сè, љубовта кон уметноста, свртена кон светот на своето приспособено ателје, кон радоста на творењето, придонесоа да се оформи како творец и да стане прва македонска сликарка, целосно посветена на сликарството како нејзина главна животна определба,појасни Старова Ќерими.

Историчарката Викторија Васева Димеска пред публиката сподели инспиративен наратив дека колку што претставува чест и задоволство, толку е и долг, но и радост, да се зборува за еден подзаборавен живот на делото на Лена Стефанова, за разлеаните, топли и опојни миризби на душата на акварелот.

Додаде дека нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без  успони и падови, без резигнираност, без драстично видливи белези  од нејзиниот слоевит и трауматичен живот.

- Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на  разубавениот свет  на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите.  Постојано тлееше некоја носталгија и достоинствена  тага, некоја меланхолија на осаменоста, некоја копрена, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна,потенцира Васева Димеска.

Изложбата ќе биде поставена до крајот на месец февруари 2024 година. ад/дма/

Фото: Национална галерија

Остани поврзан