• сабота, 23 ноември 2024

Отворена изложбата „Нингјо“ во Археолошкиот музеј по повод 30 години дипломатски односи со Јапонија

Отворена изложбата „Нингјо“ во Археолошкиот музеј по повод 30 години дипломатски односи со Јапонија

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Изложба на јапонски кукли „Нингјо“ е отворена за посетители во Археолошкиот музеј на Северна Македонија, по повод одбележување на 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу нашата држава и Јапонија. Станува збор за избрани 67 кукли поделени во четири категории - „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на Нингјо културата“.

Изложбата е организирана од Јапонската фондација, Арехолошкиот музеј и Амбасадата на Јапонија, со поддршка од Министерството за култура.

Според директорката на Арехолошкиот музеј Славица Бабамова, со оваа изложба уште еднаш ќе се врзат географски далечните култури меѓу двете држави. Преку изложбата, потенцираше, и нашиот музеј ќе се најде на мапата на музеите ширум светот кои го изразиле своето гостопримство на јапонските „Нингјо“ што во превод од јапонски значи човечки облик.

-Археолошкиот музеј со особено задоволство го прифати предлогот на Амбасадата на Јапонија во оваа јубилејна година од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји да биде домаќин на изложбата „Нингјо - уметноста и убавината на јапонските кукли“. За посетители отвораме убава и несекојдневна можност да ги видат под ист покрив експонатите од македонското културно наследство заедно со нив куклите од Јапонија, како едни од главните каратеристики на јапонската култура, рече вечерва Бабамова за време на отворањето на изложбата.

Таа напомена дека изложбата „Нингјо“ е поделена во четири дела - „Нингјо како молитва за детскиот развој“, „Нингјо како уметност“, „Нингјо како народна уметност“ и „Ширењето на Нингјо културата“.

Бабамова изрази благодарност до Јапонската фондација, од чија колекција се избрани експонатите во изложбата, до Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија, како и до стручниот тим на Археолошкиот музеј.

Амбасадорот на Јапонија, Оцука Казуја потенцираше дека пријателството меѓу двете држави започна многу порано од 1994 година, но токму ова е годината кога официјално сме размениле и потпишале договори за економска помош во образование и културната соработка.

Оттогаш, потенцираше јапонскиот амбасадор, како пријатели континуирано двете држави ја прошируваат поддршката во најважните сектори како здравство, образованието, животната средина, култура. Јапонија, напомена, дава целосна, искрена и посветена поддршка на Северна Македонија во нејзиното пристапување во Европската Унија.

-Денеска славиме важен датум. Токму денеска одбележуваме 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу нашите земји.  Пријателството меѓу нашите држави почна многу порано од 1994 година, но таа е годината кога официјално сме размениле и потпишале договори за економска помош во образование и културна соработка, рече Казуја во своето обраќање на отворање на изложбата.

Тој информираше дека по повод јубилејот, денеска писма размениле премиерите и министрите за надворешни работи на двете земји.

-Во овие писма Јапонија ја изразува својата поддршка и понатамошна билатерална соработка со Северна Македонија. Среќен сум што оваа година почнуваме со првата изложба во Археолошкиот музеј. Се надевам дека во следните два месеци голем број на љубители ќе ја посетат изложбата и дека со поддршка на Министерството за култура и други институции ќе учествуваме заедно во многу јапонски фимови, изложби и музика, додаде Казуја.

Државниот секретар од Министерството за надворешни работи Филип Тосевски вечерва за време на отворањето на изложбата потенцираше дека денес се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу двете држави, но како што рече, нашите односи датираат многу порано. 

-Минатата година одбележавме 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, во кој што Јапонија имаше голема улога во помагање на Скопје. Токму по тој повод, минатата година и во Токио беше одбележан овој јубилеј преку културна соработка. Писмата што денеска ги разменија премиерите на двете држави, е само едно крунисување на овие 30-годишни односи кои ги имаме и еден нов почеток за во наредните 30 и повеќе години да ги продлабочуваме односите на сите нивоа, рече Тосевски.

Тој потенцираше дека со Јапонија имаме блиска културна соработка на повеќе нивоа, а како што рече, изложбата на јапонските кукли претставува убава можност и за децата да се запознаат со јапонската култура. Токму оваа изложба има потенцијал да ги спои сите генерации.

Изложбата ќе биде отворена до 26 април оваа година. бт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан