• четврток, 26 декември 2024

Отворена изложбата на Мирослав Масин - неговото дело зборува универзален јазик кој резонира на сите кои го гледаат

Отворена изложбата на Мирослав Масин - неговото дело зборува универзален јазик кој резонира на сите кои го гледаат

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Во Даут пашин амам во Скопје вечерва е отворена изложбата „Подобро на гранка одошто заглавен во лифт" на уметникот Мирослав Масин. Според директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, оваа изложба не е само прослава на уметноста, туку почит кон креативноста, страста, доследноста и визијата на уметникот.

Изложбата е составена од селекција на 150 дела, доминантно слики, потоа цртежи, графики, објекти од сите периоди а особено од последните години.

Како што посочи Старова-Ќерими, посетителите ќе бидат сведоци на различноста на уметничкиот реперотар на Масин, а неговото дело зборува универзален јазик кој резонира на сите кои го гледаат.

-Оваа изложба не е само прослава на уметноста. Таа претставува и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата за уметникот, чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена. Националната галерија низ годините покажа дека се грижи за валоризација, но и презентација на значајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите па до денешната средна генерација кои имаат репрезентативни остварувања, рече Старова-Ќерими.

Таа напомена дека патувањето на Мирослав Масин како уметник е придружено со едно длабоко истражување, но и непоколеблива посветеност.

Како што рече, преку неговите слики тука присутни кои беа мал дел од големиот број на реализирани досегашни слики од негова страна, тој не кани во еден свет каде боите танцуваат, емоциите зборуваат, а имагинацијата нема граници.

Старова-Ќерими додаде дека секој потег на неговата четка е проткаен со чувства за цел, одраз на неговата длабока поврзаност со неговиот занает и неговата околина.

-Френетичниот и динамичен но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции, а вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е заситената интензивна и експресивна боја. Масин преку своите дела истражува длабоки егзистенцијално социјални прашања како што се потеклото за постоењето, природата на човечките вредности и илузиите, фиксациите.., додаде Старова-Ќерими.

Кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска во обраќањето вечерва рече дека авторот речиси 40 години ги руши стереотипите со своето творештво.

-Станува збор за негова 66 по ред самостојна изложба на која низ годиниве и престоеја многу изложби низ Македонија, низ поранешна Југославија но и низ многу европски градови, со што слободно може да се рангира во редот на нашите најзначајни културни амбасадори, рече Чанкуловска-Михајловска.

Уметникот Масин во своето обраќање се заблагодари и нajави за 10 до 15 години да се види повторно на ваква изложба со посетителите на едно исто или слично место.

Изложбата на Мирослав Масин е дел од Програмата на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура и од компании спонзори.

Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни. бт/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан