• четврток, 26 декември 2024

Отворена изложбата на истражувачкиот проект на Андријана Анреева со лицата со посебни потреби

Отворена изложбата на истражувачкиот проект на Андријана Анреева со лицата со посебни потреби
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Во малиот салон на  Галерија „КО-РА“ во Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје во тек е изложбата "Interruption - Intersection", истражувачки проект на Андријана Андреева кој обединува преку уметноста разни категории на лица со посебни потреби вклучувајќи ги во ликовна изведба и уметниците. Како што информираат организаторите, проектот има за цел активна и кретаивна инклузија на лицата со посебни потреби како и преку вид на арт терапија, нивна надоградба и афирмација на нивните таленти, разоткривањето на нивните потреби, пораки и развивањето на нивните афинитети. Виолета Калиќ, историчар на уметноста, на отворањето на изложбата говореше за специфичниот флуид кој потекнува токму од таа синтеза на разнородни сензибилитети, како и таа творечка инспиративна синергија која ги поместува нашите визии и нашата перцепција за лицата со посебни потреби. - При тоа забораваме дека во еден миг со самото стареење и трошноста на материјата стануваме сите од некого помалку или повеќе зависни, токму поради тие ограничувања кои се неминовен дел од процесот на животот и стареењето како императив уште од самото раѓање, истакна таа. Проектот е подржан од Министерството за културa, Црвен Крст, Град Скопје, како и од  Ј.У. Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје. сх/нд/

Остани поврзан