• недела, 24 ноември 2024

Отворена изложбата на дигитални слики Особеност на Игор Поп Трајков

Отворена изложбата на дигитални слики Особеност на Игор Поп Трајков

Скопје, 12 јули 2023 (МИА) – Изложбата на дигитални слики „Особеност“ на Игор Поп Трајков беше отворена во понеделникот во галеријата КО-РА при ЈУ Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје и ќе трае до 20 јули.

На отворањето, кураторката Џоана Пентала преку видеообраќање истакна дека уметникот на оваа изложба има страст да учествува во бројни општествени, уметнички и интелектуални активности и настани, како онлајн, така и лично.

- Тој постојано се опкружува со други уметници, поети, писатели и интелектуалци од сите видови. Ова е сопствената, единствена, модерна верзија на француските салони на Поп Трајков, каде уметниците можат да црпат инспирација еден од друг. Последователните проекти на уметникот јасно го одразуваат ова, рече Пентала

Таа го опиша стилот на Игор Поп Трајков како провокативен и смирувачки, класичен, а сепак контроверзен, кој, како што рече, буди интерес за нови изразни средства и технологии за визуелните уметности.

- Изложбата е бунт од бои, стилови и техники. Уметникот е полн со радосно отфрлање, но во исто време нè тера да застанеме и да му ги преиспитуваме намерите, оставајќи нè да се чувствуваме неурамнотежено и малку непријатно. Тој нè потсетува на времето кога уметноста имаше многу да каже, беше бесрамно контроверзна и кога стиловите и техниките брзо се развиваа. Уметникот на „ангелот на личноста“ не се плаши да се расправа и да ги преиспитува постоечките норми (локални и глобални). Тој сака да ни го привлече вниманието на опасноста што е поврзана со постојаното преземање здраво за готово на однапред смислените стандарди, истакна Пентала

Уредничката на ликовната програма на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“-Скопје, Виолета Калиќ во воведното обраќање потенцира дека Игор Поп Трајков претставува еден енциклопедиски дух и е амбивалентна личност, правејќи екскурс во различни области.

- Успева да навлезе во разнородните области на нашето севкупно делување, во сферите на филозофијата, психологијата, па и на психијатријата, на социологијата, на културологијата, на (визуелните) уметности, но исто така е и политиколог, и аналитичар. Инсертирајќи време и простор, културолошки и сецивилизациски пристап, тој го создава неговиот специфичен ликовен израз, истакна таа.

Таа посочи дека уметникот прави чекори или исчекори во контекст на плодотворното опстојување.

- Верувам дека секој ќе ја доживее изложбата низ тие дијалози меѓу благородните суштества и анималното или плуралното. Таа митологизираност или анимацијата на тие собитија прават секој да се обиде да проникне во тој чудесен свет, кој е театрализиран, навидум сомнабуличен, фантазмагоричен, или да се обиде да ја долови лексиката со која Игор Поп Трајков ни се обраќа, подвлече Калиќ. ир/са/

 

Фото: Ко-Ра

Остани поврзан