• среда, 25 декември 2024

Отворена Градска уметничка галерија на Струмица

Отворена Градска уметничка галерија на Струмица
Струмица, 19 октомври 2021 (МИА)-Вечерва во Струмица беше отворена Градска уметничка галерија лоцирана во дел од скривницата на плоштадот која порано се користеше за регистрација на бракови. По повод отворањето беше поставена изложба „Сто години струмичка ликовна уметност“ од дела од ликовни уметници од Струмица кои твореле во минатото и оставиле траен белег во ликовната култура. Според раководителот на Секторот за ликовна уметност при НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, Александар Филев, новиот галериски простор е убава можност за уметниците да ги презентираат нивните дела. - Долго време размислувавме со која изложба да се отвори Градската галерија во Струмица и на крај сите се согласивме тоа да биде изложба со дела на струмички сликари. За жал, голем број од уметниците чии дела се изложени физички не се присутни, но преку нивните дела нивниот дух вечерва е со нас. Досегашниот градоначалник на Струмица, Коста Јаневски, очекува во новата галерија свое место да најдат и дела од богатата ризница на Меѓународната струмичка ликовна колонија, но и да се создадат услови за реставрација на вистинските ремек-дела од таа ризница и нивно ставање на показ на струмичката, македонската и меѓународната културна јавност. - Покрај тоа, оваа Уметничка галерија отвора многу можности и за разни други изложби, работилници, предавања, промоции и други ликовни и културни содржини, како од локален и регионален, така и од национален и меѓународен карактер. Со тоа, богатата културна лепеза на нашиов град ќе ја зацврсти Струмица уште повеќе на мапата на најголемите македонски културни центри, истакна Јаневски. На отворањето на галеријата говореа ликовниот критичар Марјан Минов и ликовниот уметник Ѓорги Божинов-Фаника. Вкупната корисна површина на галеријата изнесува 319 метри квадратни, а има изложбен простор, депо за слики, дневно депо, канцеларија, бифе и простор за седење. За уредувањето на просторот се потрошени околу 6,5 милиони денари, обезбедени во поголем дел од Министерството за култура и од општинскиот буџет. рт/ир

Остани поврзан