• петок, 26 јули 2024

Отворена годишната изложба на младите таленти од ликовното студио на НУ Центар за култура Крива Паланка 

Отворена годишната изложба на младите таленти од ликовното студио на НУ Центар за култура Крива Паланка 

Крива Паланка, 17 јули 2024 (МИА) - Над 150 дела, цртежи и слики, работени во сите сликарски техники од синоќа се изложени во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, во рамки на импресивната годишна изложба од на младите таленти од ликовното студио на оваа институција.

Според одговорните во Национална установа Центар за култура, на повидок се нови млади уметници со вонсериски таленти коишто се надградуваат и развиваат под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски.

-За мене како ликовен педагог е посебна чест да работам со вака талентирани и креативни деца. Целта не е сите да бидат уметници, но да ја развиваат својата идеја и креација во разни творечки професии. Целта е сите тие да развијат чувство за естетика и убаво, без разлика дали за ентериер или екстериер, да разликуваат убаво од шунд и безидејност, со кои сме преплавени, за жал. Да можат да бидат идни креатори, модни дизајнери, архитекти, проектанти, но пред сѐ да бидат почитувачи на вистинската уметност која е полна емоции и индивидуалност, рече Цветковски.

Тој посебно го поздрави и истакна талентот на една од неговите долгогодишни ученички, Викторија Ѓоргиевска, која е матурантка и веќе заминува на студии во Скопје. Ѓоргиевска се обрати пред присутните, се заблагодари до професорот Цветковски за сѐ што направил и ја поддржал во развојот на нејзиниот талент.

-Јас сѐ уште се сеќавам на првиот час кога професорот ни даде инструкции како треба да работам, што да коригирам и како да продолжам да работам, така што, можам само да упатам јавна благодарност за тоа што ме научи дека талентот не е доволен,туку треба да се има дисциплина, постојаност во намерата и упорност, за да успееме и да го достигнеме својот максимум, рече Ѓоргиевска.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста во следните десетина дена, а сите паланчани и посетители на градот ќе можат да ги погледнат делата и да уживаат.

Настанот е дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето" и  манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата 2024".

Во склоп на манифестацијата, вечерва на летната сцена во градскиот парк ќе се одигра детската претстава „Волшебникот од Од", во изведба на Театар Куманово. ид/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан