• сабота, 23 ноември 2024

Отворена австриска библиотека во рамки на Катедрата за германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ

Отворена австриска библиотека во рамки на Катедрата за германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) — Во рамки на Катедрата за германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, денеска свечено беше отворена австриска библиотека, каде се обратија деканот на Филолошкиот факултет Владимир Мартиновски и австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер. 

Мартиновски упати благодарност до амбасадорот Памер за неговата посветеност за реализација на овој проект, со кој библиотечната збирка на Филолошкиот факултет ќе се збогати со 2.000 книги и посочи дека книгите, особено подарените „се тивки, но мошне моќни докази за меѓусебното пријателство“.

– На почетокот на оваа година, амбасадорот Мартин Памер на средба со колегите од Катедрата за германски јазик и литература и од Катедрата за превод и толкување, ја презентираше идејата и иницијативата за реновирање на библиотеката за германски студии и засновање на австриската библиотека. Амбасадорот Памер вложи голем ентузијазам и посветеност во реализацијата на овој значаен проект, кој се оствари во рекордно време. Патот од иницијатива до целосна реализација вклучуваше тесна соработка и со австрискиот лектор по германски јазик Бесим Алили, кому во оваа пригода и во име на Филолошкиот факултет му изразувам големо благодарам, посочи Мартиновски.

Амбасадорот Памер рече дека при посета на некои библиотеки ширум земјава дошол до идејата за формирање на австриска библиотека во Скопје.

– Кога пред една година дојдов овде, во вашата прекрасна земја многу патував и видов дека Австрија и вашата земја имаат многу заеднички нешта. Големо минато, мала и млада нација, добра земја со огромни потенцијали. Посетив неколку библиотеки ширум земјава и открив дека тука нема австриска библиотека, па си реков би требало да почнеме со формирање на австриска библиотека овде, во главниот град на Северна Македонија, рече Памер. ра/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан