• недела, 24 ноември 2024

Отворање на 6.Меѓународна изложба „Ex Libris - Скопје 2023“

Отворање на 6.Меѓународна изложба „Ex Libris - Скопје 2023“

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Стотина графики од современи автори од земјава и од светот ќе бидат претставени на 6. Меѓународна изложба „Ex Libris Скопје 2023“, која ќе биде отворена вечер во 20 часот во  Културно-информативниот центар - Скопје.

Делата се изработени во различни традиционални графички техники, како линорез, сува игла, бакропис, мецотинта, акватинта, фотолитографија, како и современи техники - дигитална графика и нивно комбинирање.

-Ex Libris, што буквално значи „од книгите на", е латински израз што се користи за означување сопственост на книга. Ex Libris графиката се однесува на уметничките идентификации поставени во книгите за да ги означат сопствениците и воедно да ја украсат книгата, соопшти КИЦ-Скопје. 

Изложбата е биенална, а првото издание се одржа во 2012 година. Колекцијата од изданијата на меѓународната изложба „Ex Libris Скопје“ досега има над 600 дела од 300 автори од четириесетина земји.

-Покрај натпреварувачкиот карактер, изложбата сама по себе претставува прослава на графиката и литературата во својата класична колекционерска форма. Имајќи ја предвид современата дигитална култура, книгата како колекционерски артефакт е сѐ помалку застапена во животот на секојдневниот читател, а со тоа и потребата од категоријата Ex Libris. Оваа изложба има цел да го поттикне интересот кон традиционалните графички техники и да ја освежи колекционерската култура на книгите, наведува КИЦ во најавата за изложбата. хс/мд/

Фото: КИЦ-Скопје 

Остани поврзан