• петок, 20 декември 2024

Отворање можности за нови инвестиции, очекуваат градежниците

Отворање можности за нови инвестиции, очекуваат градежниците
Скопје,  5 јануари јануари 2021 (МИА) - Aктивности за поттикнување на високоградбата и инвестициите во недвижности, отворање можности за нови инвестиции на среден и долг рок од страна на приватниот сектор преку донесување ревидирани урбанистички планови и укинување на мораториумите во одредени општини, се дел од очекувањата на градежните компании од институциите за 2021 година. На стартот на Новата година градежниците ѝ порачуваат на власта да ги користи домашните капацитети и производи во овој сектор, кој не беше меѓу најпогодените од кризата, но се соочи со предизвици. - Годинава, која беше особено тешка од здравствен и економски аспект, не само за градежништвото туку и за целиот јавен и приватен сектор, би ја испратиле со порака до градежните компании да се посветат на остварување максимална продуктивност со помош на кадровските капацитети и опремата со која располагаат, а на државата ѝ порачуваме да им помогне во тоа на начин што ќе ја поттикне побарувачката за македонски градежни производи и ангажманот на македонските градежни капацитети. Накратко пораката до власта е „користете ги домашните капацитети и производи“, изјави за МИА Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија. Предизвици за целото градежништво, најпогодена индустријата за градежни материјали Градежништвото, иако не е еден од најзагрозените економски сектори каде директно се чувствуваат преземените мерки за превенција од ширење на коронавирусот, се соочи со многу предизвици во текот на годината и не остана имуно на пандемијата. Анализирано по квартали во 2020 година споредено со, како што велат, респективните од претходната година, придонесот на градежништвото во стапките на БДП во првиот квартал забележа раст од 1,4 процент, во вториот квартал пад од 12 проценти, додека во третиот квартал раст од 3,4 проценти. - Градежните компании ги почувствуваа последиците од пандемијата и се соочија со проблеми поврзани со продуктивноста на трудот, организацијата на работата на тековните проекти, ликвидноста и наплатата на побарувањата. Особено беше погодена индустријата на градежни материјали каде одредени производствени капацитети беа во целосен прекин, додека други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери. Плановите на компаниите и очекуваните остварувања не се реализираа во целост, што во најголем дел се должи на намалената продуктивност на трудот и организацијата на работењето во новонастанатите услови, вели Серафимовски. Државата, потсетува, досега нема преземено мерки за конкретна економска поддршка на градежништвото како дејност, а градежните компании кои ги исполнуваа условите имаа право да користат дел од општите мерки за ублажување на економските последици од пандемијата (бескаматни кредити за подобрување на ликвидноста, субвенционирање на платите и придонесите од социјално осигурување, ослободување од плаќање аконтација за данок на добивка и други). Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија и претходно порача дека градежништвото може да придонесе за закрепнување и раст на економијата доколку се посвети внимание на креирање сет мерки конкретно наменети за овој сектор, како и на одржување на динамиката на јавните работи. Во следната година, вели Серафимовски, компаниите очекуваат институциите да преземат активности за поттикнување на високоградбата и инвестициите во недвижности, како и да се отворат можности за нови инвестиции на среден и долг рок од страна на приватниот сектор преку донесување на ревидираните урбанистички планови и укинување на мораториумите во одредени општини. Во делот на нискоградбата, пак, компаниите очекуваат да се задржи и зголеми нивото на градежна активност од оваа година преку планирање проекти за развој на инфраструктурата, предвидување нови и реализација на постојните капитални проекти. Според претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори Ивица Јаќимовски, градежниот сектор не бара финансиска помош и е подготвен да даде силен импулс за раст. - Дозволете ни да работиме! Најлоша одлука е да се запре активноста на градежниот сектор, кој е подготвен да даде силен импулс за раст. Ако не се создадат услови за придвижување на активноста во овој сектор, ризикуваме да изгубиме голем број работници, ризикуваме да пропаднат огромни инвестиции, да се уништат фирми што досега биле успешни македонски примери, порачува Јаќимовски. Недвижностите најстабилна инвестиција во пандемијата Иако градежништвото немаше директна забрана за вршење на дејноста, укажува, мерките за рестрикција на движењето на населението имаа индиректно влијание врз градежната активност и динамиката на извршување на започнатите проекти. - Градежните компании се соочија со доцнења со градежните работи поради ограниченото работно време, отежната достава на материјали, отсутни работници, проблеми со ликвидноста. Сепак, главната карактеристика на недвижностите, нивната стабилна вредност се покажа како пресудна и во време на криза капиталот продолжи да се инвестира во трајни вредности. За разлика од акциите и некои други бизниси, недвижностите се покажаа како стабилна инвестиција. Но во градежниот сектор треба да се има предвид уште еден аспект, а тоа е континуитетот, односно кога една инвестиција завршува, мора да се има план за следна инвестиција, за циклусот да може да продолжи и да се одржи економската активност. Но поради кризата се соочивме со еден поголем застој, чии последици ќе се чувствуваат и во наредниот период. Градежништвото е систем, кој има голема вертикална интегрираност на голем број сродни гранки, и кога ќе има застој на врвот, застанува целиот процес, вели за МИА Јаќимовски. Подготвени сме, истакнува тој, да инвестираме и во овие кризни услови, во енергетски ефикасни објекти, богати со зеленило, изградени според најсовремени стандарди за квалитетна градба. Не бараме, вели, никаква финансиска помош, напротив, сакаме да работиме и да го полниме буџетот на државата и на општините, средства што потоа ќе може да се инвестираат во училишта, градинки, паркови, односно во создавање подобри услови за живот на сите граѓани. - Сега имаме ситуација во која сите општини се затрупани со долгови, кога се гради на мали простори со кои дополнително се задушуваат малите населби и урбани места, додека големите проекти се стопирани и големи површини остануваат комплетно нефункционални и неискористени, посочува Јаќимовски. Според него, македонските градежни компании имаат постигнато високо ниво на кадровска и техничка екипираност преку долго искуство во проектирање и изградба на објекти од нискоградба, високоградба и специјализирани проекти. Некои од компаниите се активни со градежни услуги и надвор од границите, во земјите од балканскиот регион, но и пошироко. Праксата покажува дека платите на сите профили градежни работници константно растат, поддржувајќи го правилото дека само среќни и задоволни работници може да бидат добри работници. Токму затоа и не смееме да дозволиме градежниот сектор и градежните работници да останат без работа и да бараат ангажман во странство, потенцира тој. Нови закони за регулација на состојбите во градежништвото На крајот на годината што измина власта отвори дебата за подготовка на нов закон за градење, којшто е своевидниот устав за градежништвото. Актуелниот закон е донесен во 2013 година, но оттогаш претпрпе 28 измени, а тоа за градежниците претставуваше дополнителен товар за приспособување. Со новиот закон ќе се уредува категоризацијата на градбите, таа да биде според нивната комплексност, а не според тоа кој ја издава дозволата за градење. Треба да следат промени и во начинот на функционирање на инспекциските служби во овој сектор. Постапки за дел од градбите сега се водат преку Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), а за градбите од прва категорија преку општинските градежни инспектори. Целта е сите инспекциски служби да се стават под ДИГУ, со поставување регионални канцелариии што ќе работат на отстранување на сите постапки што се спротивни на законот. За градежните инспектори и за општините на терен остануваат бројни предизвици, како што е и справувањето со дивоградбите, проблем што остана да се провлекува изминатите години. Како клучен за поттикнување на градежништвото и уредување на просторот во годината што измина беше наведен новиот Закон за урбанистичко и просторно планирање, што стапи во сила во септември годинава. Треба да овозможи реформа во урбанизацијата на просторот, како клучна за развојот на општините и генерално за државата. Колку работеше домашната оператива дома и во странство?  Во октомври годинава, последниот месец за кој има официјални  податоци, во државава се издадени 270 одобренија за градба, за 12,3 отсто помалку во однос на октомври лани, со доминатно учество на високоградбата од 63,7 проценти, наспроти нискоградбата на која отпаѓа 11,1 отсто. Податоците што ги презентираше Стопанската комора кон средината на октомври покажуваат дека од почетокот на кризата имало пад од 4,5 проценти на издадените одобренија за градење, на договорените работи од 4,3 проценти, како и дека е слаба реализацијата на капиталните и на проектите преку јавните претпријатија. Анализата на податоците од почетокот на годината покажува дека во јануари биле издадени 264 одобренија за градење, за 14 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, а во февруари 248 одобренија или за 62,1 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Во март, април и мај годинава споредено со истите месеци лани се издадени помалку одобренија за 20,9 проценти, 27,9 проценти и 27,5 проценти во однос на истиот период од 2019 година. Веќе во јуни има подобрување и тогаш надлежните издале 273 дозволи за градење, 35,1 проценти повеќе споредено со јуни 2019, за во јули да бидат на исто ниво како во претходната година. Во август биле издадени за 12,4 проценти помалку, пад од 12,4 проценти, во септември за 15,9 проценти повеќе, а во октомври повторно за 12,3  проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година. Во периодот јануари ‒ септември годинава вкупната вредност на договорените градежни работи во странство на домашните фирми изнесува 200.928.000 денари, што е за 17 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година. Во првите девет месеци од годинава градежната оператива од државава во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 105.339.000 денари, односно за 51,2 процент помалку во споредба со истиот период од претходната година. Градежниците во тој период работеле во Германија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово и Србија. Според податоците на коморите во градежниот сектор сега се ангажирани околу 56.000 лица.Со оглед дека годинава потенцијалот на градежните компании не беше во целост искористен, проблемите поврзани со недостигот на работна сила не беа толку изразени и кадровските капацитети на компаниите во најголем дел беа доволни за реализирање на тековните проекти. Лидија Велковска         

Остани поврзан