• недела, 24 ноември 2024

Осумдесет претставници на јавни установи обучени за истраги при случаи со труење на диви животни во Кавадарци и Битола

Осумдесет претставници на јавни установи обучени за истраги при случаи со труење на диви животни во Кавадарци и Битола

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Вкупно 80 претставници на државни институции на 6 и 7 ноември 2023 година во Битола и Кавадарци беа обучени за истраги при случаи со труење на диви животни, во рамки на еднодневни обуки организирани од Македонско еколошко друштво.

На обуката, како што информира Македонското еколошко друштво, учествуваа полициски службеници, локални државни инспектори за животна средина, државни инспектори за ловство, локални официјални ветеринари и претставници од Агенција за храна и ветеринарство, ловочувари и претставници од локални ловечки друштва, претставници од невладиниот сектор и јавни обвинители.

- Кога станува збор за еколошки прекршоци или кривични дела, неопходен е мултидисциплинарен притап. Ефикасната координација меѓу институциите, јасната процедура при инциденти со диви видови, зајакнати капацитети, како и подигнување на јавната свест се клучни во намалување на криминални дела против дивиот свет, изјави Арта Старова, проектен координатор во Македонско еколошко друштво.

Во рамки на проектот BalkanDetox LIFE МЕД соработува со надлежните институции за да се создаде т.н. Стандардна Оперативна Процедура за постапување при случаи со труење на диви животни. Овој документ ќе ја одпредели шемата на надлежности и ќе ја подобри државната координација за успешно постапување. Сето ова ќе резултира со зајакнато познавање кај надлежните државни институции што треба да се презема при увид на местото на настанот или да се спроведе за успешна предистражна и истражна постапка.

Предавачите на обуката беа експерти, професори и вработени лица од засегнатите државни институции (Државен инспекторат за животна средина, Факултет за безбедност – УКЛО, Оддел за форензичко испитување во Министерство за внатрешни работи, Институт за биологија при УКИМ, Агенција за храна и ветеринарство) кои презентираа детали за спроведување на инспекциски надзор при случај со труење на диви животни, криминалистичката истрага при вакви инциденти, правилен начин на прибирање на траги на местото на настанот, знаци на труење кај дивите животни, како и употребата на форензичка ентомологија како метод за утврдување на датумот на смртта.

- Концептот на обуката беше одличен, особено важни беа практичните вежби и сценарио за форензичко постапување на место на настан при труење на диви птици и дискусија на сите учесници, изјави проф. д-р. Марина Малиш Саздовска, предавач на обуките од Факултетот за безбедност-УКЛО.

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека отровните мамки се меѓу главните причини за неприродна смрт на многу загрозени видови бидејќи тие претставуваат неселективно средство за убивање животни, особено на месојадни и мршојадни видови. Труењето се смета за најголема закана за мршојадците на Балканот и тоа придонело за регионално истребување или сериозно опаѓање на бројот на видови во регионот. Денес оваа пракса е незаконска во Европа, вклучително и на Балканот, но сè уште се применува како брзо и евтино „решение“ за справување при конфликти со предатори и други диви животни.

„Зајакнување на капацитетите на државните институции за борба против труење на дивите животни и подигање на јавната свест во балканските држави“ е регионален проект финансиран од LIFE програмата на Европската унија и на национално ниво е координиран од Македонско еколошко друштво во соработка со осум европски партнерски организации. мд/са/

Фото: Македонско еколошко друштво

Остани поврзан