• сабота, 23 ноември 2024

Осумдесет години од формирањето на КУД „Стив Наумов“-Битола

Осумдесет години од формирањето на КУД „Стив Наумов“-Битола

Битола, 6 ноември 2024 (МИА) - На денешен ден во 1944 година во Битола е формиран мешаниот аматерски хор на КУД „Стив Наумов“, првиот и најстариот македонски хор кој денеска слави јубилеј, осум децении постоење.

Во архивата на друштвото е забележано дека пред 80 години, борците на Седмата македонска ударна бригада-Битолска, два дена по ослободувањето на градот, сакајќи што побрзо да се чуе слободна македонска песна, на плоштадот во Битола и под диригентство на Тодор Скаловски приредуваат музичка програма со хорски композиции, со што официјално почна работата на културно уметничкото друштво „Стив Наумов“.

-Денеска го чествуваме музичкото наследство на Битола и славната историја на КУД „Стив Наумов“. Со 80 години зад себе, нашето културно-уметничко друштво не само што ги одржува традициите на хорското пеење и мандолинскиот оркестар, туку е и расадник на музички таленти. Генерации битолчани, од кои многумина денес уживаат славни музички кариери, биле дел од ова семејство, оставајќи свој белег на македонската и светската музичка сцена. Во чест и благодарност на сите, вечер ќе приредиме изложба и свечена академија, со што заеднички ќе го прославиме големиот јубилеј, изјави за МИА Владимир Христовски, претседател на КУД „Стив Наумов“-Битола.

Културно уметничкото друштво од првиот ден го носи името на легендарниот македонски народен херој Стив Наумов, а во богатата историја добитник е на бројни награди меѓу кои Орден со сребрен венец и плакета потпишана од Јосип Броз - Тито во 1975 година, највисокото македонско признание наградата „11 Октомври“, награда „Глигор Смокварски“, највисокото признание на градот Битола „4 Ноември“ и многу други. мт/мд/

Фото: КУД „Стив Наумов“-Битола

Остани поврзан