• среда, 18 декември 2024

Осуда од Ковачевски за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Осуда од Ковачевски за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вечерва го осуди отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. -Го осудувам отворањето на тој културен центар со такво име, иако го имаат отворено граѓани на нашата држава. Сметам дека тоа е провокација, која никому не му носи добро. Сметам дека отворање културен центар треба да носи име на некој кој зближува, а не на некој кон кој граѓаните во оваа држава имаат негативни чувства, не само Македонците, туку доминанто и Евреите бидејќи знаеме што се има случено со еврејската заедница во нашата држава во Втората светска војна. Треба да се има почит од организаторите на тоа здружение, изјави вечерва Ковачевски во интервју на ТВ21. Тоа, како што нагласи, е аспектот на осуда и на провокација. Премиерот смета дека тоа се мали групи кои имаат, како што рече, некакви свои, лични интереси во формирањето клубови со такви имиња. Прашан кои се луѓето што го прават тоа, Ковачевски рече дека не ги знае лицата и тие не се блиски и поврзани до СДСМ. - Тоа можете да  го видите и од слики на социјални медиуми, со кого се блиски кога држат говори. СДСМ е партија која е втемелена на Народноослободителната борба на државата, која настанала во текот на НОБ и која е втемелена не само во нашата партија, туку и во целата држава, појасни Ковачевски. Спред Ковачевски, од легалистички аспект ние имаме премногу либерално законодавство во делот на организирање НВО и здруженија и во делот на определување имиња, дури и на трговски друштва и компании. Затоа, како што додаде, Владата формираше во Министерството за правда ад кох тело во делот на определување имиња. -Се подготвува нов закон за здруженија на граѓани, кој треба ова да го превенира. Ги повикувам сите политички партии да учествуваат во финализирањето на ова законско решение бидејќи на такви групи и поединци кои веќе втор или третпат злоупотребуваат чувства на граѓаните на оваа држава заради лични треба да сестави крај, потенцира Ковачевски. мд/лв/

Остани поврзан