• четврток, 26 декември 2024

Остин: НАТО никогаш не бил толку силен и обединет како што е сега 

Остин: НАТО никогаш не бил толку силен и обединет како што е сега 

Брисел, 12 октомври 2023 (МИА) – Никогаш досега не сум го видел НАТО толку силен и обединет како што е сега и оваа средба ќе биде можност да разговараме за плановите за зајакнување на неговата одбрана и потенцијал за одвраќање, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пред денешниот почеток на заседанието на Северноатлантскиот совет во рамки на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата во Брисел.   

Остин истакна дека покрај за поддршката на Израел и неговото право на самоодбрана, на денешната министерска средба ќе се разговара и за начините за имплементација на договорите постигнати на Самитот на НАТО во Вилнус во јули годинава. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг од своја страна, пак, изрази благодарност до САД за нивното безбедносно водство на сите членки на Алијансата за прашањата поврзани со Блискиот Исток, Украина, Косово и за одбраната. 

Тој информира дека на средбата министрите разговараат како да се поддржи Украина, за одбранбените планови на НАТО и за мисијата во Косово, а  од израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ќе бидат информирани за случувањата во Израел по терористичкиот напад на Хамас од викендов. 

Според најавата, како што јави дописникот на МИА од Брисел, главни теми на средбата на Северноатлантскиот совет, што се одржува на ниво на министри за одбрана или нивни претставници, ќе бидат плановите на НАТО за зајакнување на одвраќањето и одбраната, мисиите и операции на Алијансата, штетата на критичната подводна инфраструктура во Балтичкото Море, како и ситуацијата на Блискиот Исток.   

Покрај Галант, кој ќе учествува на средбата преку видеоконференциска врска, на заседанието на Советот ќе присуствуваат и шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон, чија земја е во процес на зачленување во НАТО, како и заменик генералниот секретар за мир, безбедност и одбрана на Европската служба за надворешни работи, Шарл Фрајс. сп/

Фото: МИА

Остани поврзан