• четврток, 26 декември 2024

Оставка на словачкиот министер за економија, криза во владејачката коалиција

Оставка на словачкиот министер за економија, криза во владејачката коалиција
Братислава, 31 август 2022 (МИА) - Словачкиот министер за економија Рихард Сулик, инаку лидер на либералната партија „Слобода и солидарност" (СиС), поднесе оставка и предупреди дека е можно тоа да го сторат неговите сопартијци во владиниот кабинет. Сулик повторно побара оставка од министерот за финансии Игор Матович, член на најголемата партија во коалицијата - „Обични луѓе и независни лица" (ОЛАНО). Одлуката на Сулик беше објавена неколку часа откако премиерот Едуард Хегер одржа прес-конференција на која предложи мерки за одржување на владејачката коалиција. Министерот за економија во заминување рече дека ако Матович не поднесе оставка до понеделник, министрите на СиС ќе го напуштат кабинетот, давајќи му на премиерот Едуард Хегер само неколку дена. Со месеци наназад словачката јавност е сведок на конфронтации кај позициите на Сулик и Матович. Тензиите ескалираа откако министерот за финансии протурка пакет социјална помош, спротивно волјата на неговиот коалициски партнер и со поддршка на пратениците од екстремната десница. На почетокот на јули СиС побара оставка од Матович, предупредувајќи дека ќе ја напушти коалицијата доколку не биде поднесена до крајот на август. На брифингот одржан претходно денеска, словачкиот премиер рече дека Матович може да го исполни барањето на СиС доколку биде обезбедена поддршка за антиинфлациските мерки предложени од ОЛАНО. „Ние изработивме предлог со многу специфичен мерки, за да им помогнеме на луѓето... што ќе ги понудиме особено на CиC. Ги претставуваме затоа што ни треба силна коалиција, треба да бидат одобрени од Владата и Парламентот. И ако тие мерки бидат одобрени, Игор Матович ќе го прифати барањето на Сулик и ќе ја напушти функцијата“, рече Хегер. Словачкиот премиер истакна дека СиС ќе мора да се согласи и со оставка на својот лидер, вицепремиерот и министер за економија Сулик. Спорот во владејачката коалиција доаѓа во тежок момент за Словачка, која ја засилува својата поддршка за одбраната на соседна Украина од руската инвазија и се справува со енергетска криза поврзана со намалувањето на испораките руски гас. аб/

Остани поврзан