• среда, 13 ноември 2024

Основци од десет училишта вклучени во „Европската недела на спортот“

Основци од десет училишта вклучени во „Европската недела на спортот“

Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) – Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје денеска го промовираа стартот на вториот работен пакет од Европската недела на спортот, во рамки на кој преку училишното физичко образование младите ќе се поттикнуваат на спортски активности и здрав начин на живот, а талентираните ученици преку специфични тестирања на нивните моторички способности ќе добијат можност за натамошен развој на професионален план.

- Сите европски земји ја препознаваат важноста на физичкото образование во училиштата. Предметот физичко образование е задолжителен во основното и средното образование низ цела Европа, а значењето на физичката активност и спортот како корисен начин за користење на слободното време на младите е огромно. Со напорна работа и посветеност можеме да покажеме дека и во нашата држава училишното физичко образование уште од најран период може да стане попрудуктивно и организирано во вистинска насока за здрав начин на живот на младите и пронаоѓање на идните спортски таленти, изјави на денешната прес-конференција во Скопје претседателот на АМС Наумче Мојсоски.

Изнесувајќи поединости од вториот работен пакет во рамки на „Европската недела на спортот“, заменикот директор на АМС, Амир Билали, посочи дека во следните два месеци ќе бидат опфатени ученици од шесто до деветто одделение од мултиетнички основни училишта во десет општини од целата држава.

- Фокусот на активностите се младите луѓе, кои треба континуирано да ги инспирираме да бидат активни и здрави, а ние како институција да им пружиме повеќе можности да ги истакнат нивните способности преку мониторинг и тестирања за нивните моторни вештини кои понатаму ќе рефлектираат на нивните таленти, рече Билали.

Пилот проектот е дел од „Европската недела на спорот“, под мотото „BeActiive“, која петта година по ред ја имплементира АМС во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

- Овој пат нашата цел е направиме квалитативна анализа и мониторинг на наставата по физичко образование, а обучени наставници кои ќе бидат вклучени во проектот ќе треба да мотивираат, селектираат и идентификуваат идни таленти, бидејќи многу деца и не се вклучени во врвниот спорт, а сега ќе имаат можност да се препознаат и истите тие да ги насочиме во индивидуален или колективен спорт. Исто така, ќе работиме на уште еден проект, а тоа е етика и интегритет во спортот, бидејќи тимската и соработката меѓу учениците и наставниците, како и меѓу клубовите и федерациите е многу важна, посочи деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје Ленче Алексовска – Величковска.

- Пилот истражувањата ќе ни дадат сознанија и податоци за идните насоки, но најважно е што ќе ги поттикнеме младите на спортска активност, бидејќи само така ќе имаме здрави личности во општеството, додаде Алексовска – Величковска. ег/

Остани поврзан