• среда, 18 декември 2024

Основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот, вели Костадиновски за Кацарска

Основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот, вели Костадиновски за Кацарска

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот. Не може да се прави поистоветување меѓу члентво во Судски совет и членство во Уставен суд, вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во гостувањето на МРТ.

Прашан дали судијката Добрила Кацарска може да го загуби статусот како уставен судија, по информацијата дека до Собрание стигнал допис дека и престанал судискиот статус поради пензионирање, Костадиновски рече дека и тој денеска од медиумите дознал оти постои таква иницијатива од Судскиот совет. 

- Ние како суд немаме официјално известување за релевантноста и постоењето на таква иницијатива. Основите за престанок на функција на уставен судија ги уредува Уставот во член 111, став 4. Јас ја немам видено содржината на таа иницијатива, не знам дали и како Собранието би постапило и од таа причина би се воздржал за коментар за оваа работа, изјави Костадиновски. 

Според него, доколку е релевантно тоа што го видел во некои од медиумите, не може да се прави поистоветување во Судски совет и членство во Уставен суд, но, додава, сепак во отсуство на официјални информации, како што нагласува, морада се воздржам од коментар, бидејќи секој искажан збор обврзува.

Претходно дел од медиумите објавија дека Судскиот совет испратил известување до претседателот на Собранието, дека судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд.

Добрила Кацарска беше избрана за уставна судијка во ноември 2020 година, а во мај 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат на нејзино место беше избран судијата Дарко Костадиновски. аа/сст/

Фото: МИА архива

Остани поврзан