• четврток, 26 декември 2024

Осмо издание на Меѓународниот театарски фестивал во организација на Тетовски театар

Осмо издание на Меѓународниот театарски фестивал во организација на Тетовски театар

Тетово, 21 октомври 2023 (МИА) - Националната установа Тетовски театар е домаќин на осмиот меѓународен театарски фестивал во Тетово од 23 до 27 октомври. Театарските претстави ќе се одиграат во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“, а влезот е слободен.

- Фестивалот се случува по долгогодишна пауза. После три години продолжуваме со нашата традиција на одржување на театарски фестивал. Публиката ќе има можност да погледне пет претстави избрани од екипата на Тетовски театар. Не се работи за фестивал од натпреварувачки карактер, но публиката ќе може да гласа за една од претставите што ќе ги гледа. Станува збор за широк дијапазон на претстави од различни жанрови, изјави Марко Богдановски, актер на Тетовски театар на денешната прес-конференција.

Свеченото отворање е во понеделник 23 октомври од 20 часот по што ќе следи претставата „Ало, ало“ на градскиот театар од Ѓаковица, Косово.

Во вторник во истото време гостува Албанскиот театар од Куманово со претставата „Лет над албанскиот театар“.

Во среда, 25 октомври од 20 часот ќе биде изведена единствената претстава на македонски јазик „Вернисаж“ од Драмски театар Скопје во режија на Теа Беговска.

- Би сакал и македонската публика да има можност да биде дел од овој фестивал, да дојде да присуствува слободно. „Вернисаж“ е текст на авторот Вацлав Хавел. Станува збор за еден смешен коментар на маргинализираниот човек. Повеќе не откривам, љубопитноста нека се разбуди во вас и посетете го овој фестивал, изјави Марко Богдановски.

Во четврток 26 октомври од 20 часот на фестивалот настапува Националниот експериментален театар од Тирана, Албанија со претставата „Скршена жена“, а на последниот ден во петок 27 октомври од 19 часот гостува Театарот за деца и млади од Скопје со претставата „Крокодили“.

Влезот за сите претстави е слободен и почнуваат од 20 часот, само последната во петок од 19 часот. ас/дма/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан