• сабота, 28 декември 2024

Османи: Чешка останува искрен и гласен поддржувач на нашата европска интеграција

Османи: Чешка останува искрен и гласен поддржувач на нашата европска интеграција

Скопје, 28 октомври 2021 (МИА) - Чешката Република е вистински пријател на Северна Македонија. Земјата беше и останува искрен и гласен поддржувач на нашата европска интеграција. Како две земји сојузнички во НАТО, демонстрираме единство и солидарност во справувањето со предизвиците што се производ на глобалните безбедносни промени, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешното одбележување на Националниот ден на Чешката Република, што се одржа во Музејот на современа уметност.

Османи упати честитки и желби за просперитет на државата и благосостојба на нејзините граѓани. Тој додаде дека во изминатите 27 години воспоставените дипломатски односи меѓу двете земји се постигнати со заеднички напори и оти е стекнато високо ниво на меѓусебна доверба и разбирање за одлични пријателски билатерални односи, како и за воспоставување продуктивна соработка во многу сектори. 

-Ова пријателство не се демонстрира само во контекст на нашата евроинтеграција, туку напротив, изминатите години Чешка покажа солидарност и понуди помош во неколку наврати, во справувањето со мигрантската криза во 2015 година, но и во справувањето со Ковид пандемијата, истакна министерот.

На настанот организиран од амбасадата на Чешката Република за одбележување на нивниот Национален Ден, присуствуваа претставниците на дипломатскиот кор во земјата и бројни претставници од државните, но и невладините институции во земјата. ки/дма/

Остани поврзан