• среда, 27 ноември 2024

Османи се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава

Османи се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава

Скопје, 16 јуни 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи денеска се обрати на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава, на тема „Геополитичката Европа на крстопат: Западниот Балкан во Ера на Пост-Ковид-19", соопшти МНР.

Осврнувајќи се на регионалните и геополитички последици доколку се изгуби посветеноста на Европската унија кон земјите од Западен Балкан, Османи потенцирал дека иднината на регионот е во ЕУ, што истовремено е географски и геополитички факт. Земјите, нагласил, се наоѓаат во фаза на засилена меѓусебна економска соработка која неминовно ќе доведе до прием во заедничкиот европски пазар.

-Тоа е суштината на европската интеграција. Надворешната и безбедносната политика на ЕУ ќе биде предмет на натамошен развој, но фактот што сите ние на европскиот континент, во најголема мерка се определивме за евро-атлантските либерални вредности, доволно зборува дека иднината е предвидлива, сите да бидеме дел од заеднички сојуз, во одбрана од заедничките закани, истакнал Османи.

Во овој контекст, шефот на дипломатијата нагласил дека за пристапниот процес на земјите од регионот, се клучни реформите, особено „фундаментите“, а она што е подеднакво важно на патот кон членство во ЕУ е помирувањето во регионот, нешто за кое земјите мора да продолжат активно да работат.

-Северна Македонија со Охридкиот Договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија е модел кој треба да се следи во оваа насока, нагласил Османи.

Прашан дали постои начин ЕУ да покаже дека новата методологија е долгорочна операција што може да ја потикне проевропската приентација на земјите од ЗБ, Османи посочил дека доколку ни се дозволи да преговараме многумина пријатно ќе бидат изненадени од нашата посветеност, но и од нашиот стручен капацитет.

-Јас сум оптимист, и покрај мачнината создадена кај нашите трпеливи граѓани по однос на евро-интеграциите, заради билатералните пречки, набрзо ќе докажеме дека нашите граѓани без разлика на која заедница припаѓаат поседуваат квалитети да се натпреваруваат со своите врсници во ЕУ. Нашите млади ќе не надминат и ќе докажат дека неоправдано премногу долго не спречуваа да се развиваме, еквивалентно на поранешните земји кои веќе се членки, истакнал Османи.

Министерот Османи на овие теми дебатираше заедно со министрите за надворешни работи на Хрватска и Словенија, Радман и Логар, придружени од специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

На конференцијата ќе учествуваат шефови на држави и влади, министри за надворешни работи, парламентарни делегации, претставници од бизнис заедницата, како и бројни претставници на влијателни меѓународни невладини и тинк-тенк организации од Европа и светот. сст/дма/

Остани поврзан