• четврток, 19 декември 2024

Османи пред Советот за безбедност на ОН: Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија

Османи пред Советот за безбедност на ОН: Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на руската агресија

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации, во рамки на 78-то Генерално собрание на ОН кое оваа недела се одржува во Њујорк.

Како што соопшти МНР, Османи на почетокот на своето обраќање се заблагодари на албанското претседателство со Советот за безбедност за месец септември, истакнувајќи дека комбинираното присуство на Северна Македонија и Албанија во ОН, кога се одбележуваат 30 години од соработката помеѓу ОН и ОБСЕ, е силен знак на посветеност и одговорност од две балкански држави, соседи и партнери, кои претседаваат со двете клучни мултилатерални платформи.

Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи, се додава, повторно се осврна на агресивната војна на Руската Федерација против Украина, истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од нашиот колективен ангажман.

-Војната претставува најголемо прекршување и оспорување на меѓународните правила и обврски кои беа напишани и потпишани од истата Русија која сега со презир ги гази. Таа ги уништува не само животите и средствата за живот во Украина, домовите и надежите на луѓето, туку и надвор од тоа, влијае и на животите на луѓето многу подалеку од Русија, рече Османи.

Тој, се наведува, подвлече и дека во рамките на ОБСЕ, регионална организација со која претседава во овој клучен момент од нејзината историја, се чувствува влијанието од војната пред сè врз луѓето, но и врз политиката меѓу регионите и врз институциите кои се создадени како платформа за дијалог и одржување на мирот, а не се користат така.

-Постои закана и самиот мултилатерализам да стане жртва на оваа агресија, меѓународните форуми како овој да се заменуваат со бојното поле, а аргументите со брутална сила, без придобивка за никого. Па, објаснете ми: кој добива од оваа војна?, праша во своето обраќање Османи.

Како Претседавач со ОБСЕ, тој истакна и дека организацијата постојано ја дава својата поддршка преку Програмата за поддршка во различни области која веќе е на терен и која вклучува хуманитарно деминирање, промоција на владеењето на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија.

Тој најави и дека планира втора посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ, по првата која ја реализираше во јануари, со цел директно да ги слушне потребите, надежите и стравовите на луѓето на терен, а поддржувајќи го мотото на Претседавањето „За луѓето се работи“.

Своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, како што се наведува, Османи го заврши со силни пораки за мултилатерализмот, нарекувајќи го „процес кој бара и заслужува секојдневна посветеност и зачувување“.

-Никој, ниту во наше време ниту пред нас, сè уште не смислил подобра идеја или пракса од мултилатерализмот. На крајот, војните ги прават луѓето и ги завршуваат луѓето. А луѓето и се враќаат на дипломатската маса, на дијалогот, платформите и сеопфатните концепти за безбедност. Токму онакви какви што нудат ОБСЕ и ОН, рече Османи.

Надоврзувајќи се на темелите на нашите организации, како што рече Османи, и работејќи заедно, бескомпромисни на договорените принципи, „мораме да направиме сè за да продолжиме со нашите заеднички напори за мир, стабилност и безбедност“, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи. вг/ев/

Фото: МНР

Остани поврзан