• четврток, 26 декември 2024

Османи: Потребно е долгорочно и одржливо решение што ќе гарантира стабилност и мир за Израел и Палестинa

Османи: Потребно е долгорочно и одржливо решение што ќе гарантира стабилност и мир за Израел и Палестинa

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи на покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и заменик премиерот и министер за надворешни работи на Кралството Јордан, Ајман Сафади, денеска учествуваше на осмиот регионален форум на Унијата за Медитеранот, во Барселона во чиј фокус беше ситуацијата во Израел – Палестинските територии и последиците за регионот на Блискиот Исток.

Како што соопшти МНР, во овој контекст, министерот Османи испрати порака дека фокусот мора да се стави на дипломатските напори за изнаоѓање долгорочно, одржливо решение, постконфликтно сценарио за трајна стабилизација што ќе гарантира стабилност и мир за Израел и Палестинските територии и поширокиот регион.

-Не смееме да дозволиме немилите случувања да ги поткопаат основните принципи и цели на оваа организација и да фрлат сенка на досегашните достигнувања. Напротив, мораме да бидеме уште попосветени и да најдеме начини за поттикнување на меѓусебната соработка, дијалог и доверба. Силно верувам дека нема друга алтернатива - ова е единствениот пат напред, истакна Османи.

Според Османи, во овој момент од најголема важност е да се обезбеди непречен проток на хуманитарната помош за жителите на Газа со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право. Тој притоа го поздрави ослободувањето на заложниците од Појасот Газа како дел од договорот за привремено примирје од пред неколку дена и додаде дека потребно е итно ослободување и на преостанатите заложници.

На маргините на Регионалниот форум на кој учествуваа министри за надворешни работи и нивни заменици од 37 држави членки на Унијата за Медитеранот, шефот на дипломатијата Османи одржа и повеќе билатерални средби со свои хомолози, стои во соопштението. вг/aa/

Фото: МНР

Остани поврзан