• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Постои решение само треба порационален пристап во спорот со Бугарија

Османи: Постои решение само треба порационален пристап во спорот со Бугарија
Скопје, 20 април 2021 (МИА) - Независно што прашањето и спорот е меѓу нас и Република Бугарија, многу е важно да се објаснат и позициите на земјите членки, бидејќи на крај одлуката ќе биде на сите земји, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, треба да се почека да се види кој ќе формира Влада во Бугарија и кои ќе бидат ставовите на новата Влада. - Но, независно јас мислам дека постои решение само треба порационален пристап. Убеден сум дека изборите во Бугарија, па и нашите претходно не помогнаа во создавање доверба помеѓу двете држави или во одржување на довербата. Убеден сум дека во сржта на проблемот е немањето доверба од двете страни за намерите, за интенциите, за интересите зад ставовите што ги прикажуваат, изјави министерот Османи во „Топ Тема“ на телевизија Телма. Во оваа постизборна ситуација, и таму и кај нас, како што рече, можеме да седнеме и порационално да разговараме. -Не мислам дека ние во овој период ќе ги надминеме сите разлики коишто ги имаме по однос на историјата. Но, враќањето на доверба во процесот мислам дека ќе создаде доволен мост за да ја прескокнеме реката, да ги почнеме преговорите, а потоа да продолжиме во добра волја и во доверба да го имплементираме духот на Договорот, нагласи Османи. Смета дека во овој период треба да се разговараат неколку прашања, а во основа е враќањето на довербата дека Договорот е решението и дека Договорот испорачува резултати. Прашан за Бугарија, Османи рече дека динамиката досега е задоволувачка во смисла на брзина на спроведување на потребните чекори и додаде дека за нас е многу важно, како што рече, откако завршија изборите да се формираат институциите за да имаме и да можеме да разговараме со цел да се постигне консензус за преговарачката рамка на следниот самит. Додаде дека 26 земји се убедени и немаат против за преговарачката рамка, беше издвоен ставот на Република Бугарија. Но заради тоа што одлуките се носат со консезус, не можеше да се донесе одлука ниту за преговарачката рамка, ниту за меѓувладината конференција. -За нас е многу важно што побрзо да се формираат институциите за да може да се продолжи комуникацијата. Независно што е се уште во неформирани институции, јас испратив една официјална покана да ја одржиме Меѓувладината комисија, која е инструмент од Договорот чија цел е да направи објективна проценка на динамиката на неговата имплементација, рече Османи. Според него, се појавија премногу шпекулации во однос на тоа дали се имплементира или не се имплементира. - Остана на субјективните ставови на политичарите, дали Договорот се имплементира и токму за тоа да не се шпекулира за динамиката, Договорот има предвидено инструмент. Тоа значи двете комисии од двете влади седнуваат и прават математика, ставаат црта - толку е направено, толку треба да се направи. Ова го бараме со месеци. Дајте да седнеме и да видиме дали навистина не е направено или е направено, рече Османи. Тој очекува дека може и пред формирање на Влада, таква објективна констатцијата да се направи за да не се губи време. Османи вели дека има временски теснец од неколку месеци и оти се надева брзо да се формираат институциите и веќе на почетокот на мај да има интензивни активности со цел да се постигне едно решение кое ќе ги надмине разликите по однос на преговарачката рамка. Посочи дека се анализираат сите аспекти, а втора можност, како што рече, е Самитот во ноември-декември, а потоа се влегува во текот на словенечкото претседатерлство, па следи француското претседателство. Смета дека најдобрата и можеби ретко добрата можност се јунско-јулските самити на ЕУ и оптимист е дека ќе успееме. мд/дма/    

Остани поврзан