• четврток, 26 декември 2024

Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ клучни за справување со руските безбедносни закани 

Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ клучни за справување со руските безбедносни закани 

Брисел, 3 април 2024 (МИА) - Време е за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот Балкан, бидејќи забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел. 

- Нашиот регионот се повеќе станува поле за геополитички натпревар, а Западниот Балкан е на линија на огнот на цивилизацискиот судир меѓу Западот и Истокот. Руската воена агресија врз Украина покажа дека безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а како што сум истакнал и во други прилики, Украина е само првата станица од руските империјалистички амбиции. По Украина, руската агресија се очекува да продолжи и наредна станица да бидат земјите од Западен Балкан, рече Османи. 

Тој нагласи дека денешниот министерски состанок е значаен затоа што заеднички со сите сојузници во седиштето на НАТО во Брисел ја одбележуваме 75-годишнината од формирањето на Алијансата.  

- И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички”, потенцира Османи. 

На средбата беа разгледани и начините и механизмите за натамошно зајакнување на поддршката за Украина и за продлабочување на соработката на НАТО со партнерите од индо-пацифичкот регион, како и за засилување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, при што во тој контекст Османи нагласи дека Северна Македонија го постигна минималниот праг за одвојување на 2 отсто од БДП за потребите на одбраната. 

На министерскиот состанок, кој продолжува и утре, стана збор и за подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон што ќе се одржи во јули 2024 година. сп/ац/

Фото: МНР

Остани поврзан