• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Повторно сме на крстопат, но прв пат клучот за продолжување на европскиот пат е кај нас

Османи: Повторно сме на крстопат, но прв пат клучот за продолжување на европскиот пат е кај нас

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Северна Македонија и нејзините граѓани се недвосмислено посветени за членство во Унијата. Земјата создаде европски модел на мултиетничка функционална демократија, покажа европска култура за дијалог и компромис, истрајност во исполнување на критериумите. Денес повторно се наоѓаме на крстопат, но клучот за продолжување на евроинтеграциите е кај нас. Ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека. 

Ова го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на денешната заедничка прес - конференција во Скопје со шефовите на дипломатиите на Австрија Александар Шаленберг, на Чешка Јан Липавски и на Словачка Мирослав Влаховски.

-Од една страна започнати преговори, успешно спроведен скрининг и на неколку месеци пред отворањето на кластерите и поглавјата. Но, за првпат нам ни е даден клучот – самите да ги отклучиме поглавјата и кластерите и успешно да го продолжиме процесот на преговорите.  Но, од друга страна се соочуваме со отпор наметнат од некои, од делот на претставниците на опозицијата, би рекол ирационален отпор затоа што уставната измена што како обврска сме ја презеле да ја имплементираме ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување. Дури, можеби и зборот измена е погрешен. Можеби треба зборот дополнување да се користи, бидејќи уставното уредување не се менува, туку само се дополнуваат уште неколку заедници со што се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава. Нешто што цело време го истакнуваме како наша предност или наш успех, рече Османи.  

Тој посочи дека, во моментов цела Европа се наоѓа во турбулентно и сложено време, период кога процесот на еврпските интеграции е се повеќе безбедносно прашање.

-Пред само два дена од Вилнус на дело ни беше демонстрирана силата на проширувањето во една друга Алијанса со откочување на процесот на пристапување на Шведска во НАТО. Настан којшто недвосмислено вдахна нова надеж на оптимизам за силна безбедна и долгорочна стабилна Европа. Проширувањето на Унијата е соочено со сличен интегративен моментум кој не треба да го пропуштиме. Република Северна Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во групата на земји кандидати или потенцијални кандидати коишто имаат отворени прашања и за кои нема да има брза трака за пристапување во ЕУ. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека на која многу тешко се вративме после долги години чекање, рече Османи.  

Тој најави дека во наредните неколку недели пратениците ќе бидат ставени пред избор да продолжат со дополнување на Уставот што секако претставува наша цивилизациска обврска и придобивка – или ќе ја затвориме таа врата со изговори на кои потоа никој нема да се сеќава.

На новинарско прашање да даде временска рамка кога очекува усвојување на уставните измени и дали е уверен дека нема да има друга блокада од друга членка на ЕУ, Османи рече дека таа е диктирана од временската рамка на процесот на скрининг процесот кој се очекува да заврши некаде во ноември, и оти нема другите предуслови освен оние дефинирани во преговарачката рамка.  

-Почнати се преговорите за членство минатата година во јули и треба, ако сакаме да продолжиме со разгледување и преговори по кластери и поглавја треба да ги усвоиме уставните измени. Одлуката за почеток на преговори беше усвоена минатата година од 27 земји членки на ЕУ. Има патокази и Акциски план и еден акциски план за малцинство којшто беше предложен само од Бугарија и почнавме со формална комуникација за дефинирање на овој акциски план. Нема други предуслови коишто се дефинирани во овие патокази за отворање и затворање на кластерите. Секако, Преспанската спогодба, Спогодбата со Бугарија се дел од овие патокази, меѓутоа Комисијата нема дури ни обврска да поднесува писмени извештаи за спроведувањето на овие спогодби. Секако со добра волја ги потпишавме двете спогодби и ќе ги спроведуваме, ќе се придржуваме кон одредбите од сите протоколи коишто сме ги потпишале, но тие одредби од билатералните спогодби не се услов и не го диктираат темпото со кое ќе се зачлениме во ЕУ, рече Османи.  

За справување со потенцијалните негативни чувства кон ЕУ во македонското општество поради отстапките кои беа направени, шефот на дипломатијата оценува дека за да се задржи кредибилитетот на процесот за проширувањето и на европските институции, потребно ни е некое премостување што ќе се состои од користење на придобивките од интеграцијата уште пред самото зачленување.

-Ако се одржи ова забрзано пристапување за државите кандидати и тие станат дел од единствениот европски пазар и може да ги искористат кохезивните структурни фондови тогаш може да се задржи кредибилитетот на проширувањето и на европските институции. Сметам дека ова е решението и задоволен сум што претседателот на ЕУ ја внесе оваа новина и одговори на нашето барање за да и ние добиеме чувство дека сме сопственици на самиот процес и дека сме целосно ангажирани во целиот процес на проширување, вели Османи.

Тој во однос на предизвикот со уставните измени подвлече дека земјата е исправена пред две опции, трета не постои.

-Имаме две траектории пред нас. Една е брзата линија на приклучување кон ЕУ и се надевам дека наскоро ќе добиеме и порака за забрзано пристапување и потоа е другата група на земји коишто имаат билатерални проблеми коишто треба прво да ги решат па потоа да тргнат кон ЕУ. Имаме историска одговорност да ја внесеме нашата земја во групата на земји која што нема отворени билатерални прашања затоа што така ќе го забрзаме процесот на нашето европско интегрирање во ЕУ. Се надевам дека дебатата ќе почне кога пратениците и граѓаните ќе бидат соочени, ќе го видат самиот текст на уставните измени. Инаку, во моментот има многу пропаганда и не можат луѓето да ја согледаат суштината на уставните измени коишто само го зајакнуваат мултиетничкиот карактер на нашата држава, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи.  вг/нд/   

Остани поврзан