• среда, 25 декември 2024

Османи од утре во официјална посета на Обединети Арапски Емирати

Османи од утре во официјална посета на Обединети Арапски Емирати
Скопје, 20 февруари 2021 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи утре и задутре ќе оствари официјална посета на Обединетите Арапски Емирати на покана на неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и меѓународна соработка, Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Како што соопшти МНР, на првиот ден на посетата во Дубаи, Османи ќе има средба со државниот министер за меѓународна соработка, Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и главен управен директор на Дубаи Експо, и со министерот за надворешна трговија, Тани Ахмед Ал Зејуди.

Вториот ден, во понеделник, МНР Османи во Абу Даби, ќе ја има централната средба со неговиот колега, Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан на која се очекува да се разговара на теми поврзани со билатералните односи и можностите за интензивирање на соработката во областите од заеднички интерес.

Во рамки на посетата, предвидено е Министерот Османи да се сретне и со министерот за толеранција и соживот, Шеик Нахјан Мубарак Ал Нахјан, државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али Ал Сајег и со извршниот директор на „Hedayah International Center“ за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам, Ахмед Ал Касими.

Исто така, МНР Османи ќе учествува на свеченото отворање на IDEX 2021 во Абу Даби, Меѓународна изложба и конференција во областа на одбраната за МЕНА регионот, на која учествуваат над 100 земји и корпорации, а оваа година за прв пат ќе учествуваат Република Северна Македонија и Државата Израел.

За време на посетата, се предвидува потпишување на неколку билатерални документи со кои ќе се дополни нормативно-правната рамка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, а ќе биде посетен и Павилјонот на Северна Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи“, кој ќе се отвора во октомври оваа година.

Посетата на МНР Османи преставува прва официјална посета на министер за надворешни работи во ОАЕ по воспоставувањето на дипломатските односи. нд/

Остани поврзан