• среда, 25 декември 2024

Османи од Мостар: ОБСЕ ќе продолжи да поддржува проекти кои ја зајакнуваат довербата помеѓу заедниците

Османи од Мостар: ОБСЕ ќе продолжи да поддржува проекти кои ја зајакнуваат довербата помеѓу заедниците

Скопје, 13 мај 2023 (МИА) - Локалните лидери кои на прво место ги ставаат граѓаните и се посветени на сите заедници во општеството секогаш ќе ја добиваат поддршката од ОБСЕ за спроведување на значајни проекти истакна претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија Бујар Османи на средбата со градоначалникот на општина Јабланица во Босна и Херцеговина, Дамир Шабановиќ.

- Проектите кои ја зајакнуваат довербата и кохезијата помеѓу заедниците и создаваат средина подготвена за вистинско помирување, каков што е „Можеме подобро“ Квартет проектот поддржан од ОБСЕ, се доказ дека овој регион може да создаде успешни приказни, рече Османи во Јабланица.

Османи на средбата со Шабановиќ истакна дека е важно локалната власт да соработува со граѓанскиот сектор и да поттикнува поголема позитивна интеракција помеѓу заедниците, а поделбите и национализмот да бидат минато.

- Планираното реновирање на касарната којашто треба да прерасне во центар во кој ќе можат да работат граѓанските организации и активисти е уште еден пример во која насока треба да се развиваат општините за да стимулираат поголема социјална кохезија, но и зајакнување на младинските граѓански организации и пред сè на жените, рече Османи. 

Од Јабланица, Османи посетата на БиХ ја продолжи во Мостар каде што оствари средба со градоначалникот Марио Кодриќ и Претседателот на Советот Салем Мариќ.

- Поттикнување на соживот и толеранција помеѓу сите политички, верски и социјални лидери во Мостар, како и прифаќање на различниот етнички и религиозен состав на заедницата ќе му овозможи на градот да се развива, пред сè економски, и да го искористи  својот огромен потенцијал за туризам, особено имајќи предвид дека олицетворение на Мостар е настанот „Отворен Град Фест“ кој успева да собере и по 20.000 посетители, рече Османи.

Во Мостар, Османи се сретна и со претставници на граѓански организации кои работат на борба против трговијата со луѓе, родовото насилство, корупцијата, како и на заштита на ранливите групи и на животната средина.

За време на посета на Мостар, Османи му оддаде почит на поранешниот претседател Борис Трајковски и положи цвеќе на спомен-обележјето во негова чест на местото на авионската несреќата во Ротимље, каде во 2004 година загинаа Трајковски и осум членови на делегацијата и екипажот, соопшти МНР.са/

Фото: МНР

Остани поврзан