• сабота, 23 ноември 2024

Османи од Летната сесија на ПС на ОБСЕ: Мора да ги активираме сите механизми за поддршка на мирот и стабилноста во регионот на ОБСЕ

Османи од Летната сесија на ПС на ОБСЕ: Мора да ги активираме сите механизми за поддршка на мирот и стабилноста во регионот на ОБСЕ

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Летната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ се одржува во време на големи предизвици за Организацијата, за безбедноста и за соработката – нашите клучни вредности. Во услови на воена агресија на Русија врз Украина, наша цел како Претседавачи со ОБСЕ е да ги почитуваме нашите обврски, да ја зачуваме функционалноста на Организацијата и да бараме начини за враќање на дијалогот.

Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во денешното видео обраќање на Летната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржува во Ванкувер, Канада.

- Нема да правиме компромис со овие принципи. Суштински дијалог може да се води само во линија со овие принципи и во согласност со меѓународното право. Во таа насока, ја повикуваме Руската Федерација веднаш да го прекине огнот. Обединети сме во поддршката на Украина и Украинците кои страдаат и одлучно ги осудуваме руските воени злосторства, нагласил Османи во своето обраќање.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, Османи се заблагодарил за работата на парламентаците и нивната вклученост во застапување за правата на повеќе од една милијарда луѓе од целиот регион за ОБСЕ. Само преку директно учество и разбирање на потребите на луѓето, посочил, можеме да поттикнеме политичка волја за надминување на моменталните предизвици.

- Војната во Украина останува наш врвен приоритет, но високо на нашата агенда се сите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ што директно влијаат на животот на луѓето. Затоа од исклучителна важност е да ги активираме сите механизми и капацитети на ОБСЕ со цел да го поддржиме мирот и соработката, рекол Османи.

Пред околу триста делегати на Парламентарното собрание на ОБСЕ, тој уште еднаш ги претставил приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата и побарал политичка посветеност и иницијативи што заеднички ќе придонесат за зајакнување на демократијата и парламентарната дипломатија во регионот на ОБСЕ. цр/аа/

Фото:МНР

 

 

Остани поврзан