• вторник, 12 ноември 2024

Османи: Обидите за влез на Курти на политичката сцена не се ништо ново, но нема да имаат никакво влијание

Османи: Обидите за влез на Курти на политичката сцена не се ништо ново, но нема да имаат никакво влијание

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Обидите на косовскиот премиер, Албин Курти да влезе на македонската политичка сцена, не се ништо новo. Такви обиди имало и порано, но тоа никако нема да влијае на политичката сцена во земјава која е консолидирана, смета министерот за надворешни Бујар Османи.

-Прво дека не е ништо ново, затоа што такви обиди за директни поддршки и учества имало и порано од претседателскиот кандидат, кој потоа беше министер во владата на Косово, преку учество на високи експоненти на предизборните собирања и митинзи. И тоа покажа дека политичката сцена на Албанците во Република Северна Македонија е консолидирана и не очекувам, како што не влијаеше претходно, да влијае и сега. Вториот аспект е фрагментирањето на политичката сцена. Тука не зборувам како министер за надворешни работи, туку како претставник на Албанците. Фрагментирање на албанската политичка сцена во повеќе помали партии ја ослабнува моќта да се претстават соодветно во државата, бидејќи има една тенденција, поттикната од надворешни фактори, но малку и од внатрешни, Албанците во Северна Македонија да се организираат во секој град да имаат политичка партија и секој град да има свој политички лидер и така тие да се занимаваат со локалните прашања и меѓу себе, за да нема една политичка платформа што ги претставува Албанците и да ја пренесе нивната политичка волја во институциите, вели Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со албанскиот колега Игли Хасани.

Третиот аспект, вели дека е влијанието на регионалната политика, а меѓуетничките односи во земјава се толку прецизно дефинирани што секое легитимирање на учество на други држави со свои политички партии, вклучувајќи ги и Србија, Бугарија, Албанија, Косово може да ги наруши динамиките овде што се толку прецизно калибрирани, рефлектирајќи ги меѓуетничките и меѓуполитичките односи.

 –Најважно е дека тоа е веќе испробано и нема да влијае никако на консолидираната политичка сцена, подвлече Османи.

Шефот на албанската дипломатија Хасани пак, на истото прашање одговори дека е тука како претставник на Албанија, за да ги поддржи прогресивните европски сили на Албанците и на Северна Македонија во нивните јасни ставови за европската иднина. Изрази уверување дека резултатите од претстојниот изборен процес нема да донесат промена во однос на посветеноста на земјата на европската иднина. 

-Албанија е фокусирана на поттикнување на добрососедските односи, непоколебливата заштита на правата на Албанците во целиот регион е еден елемент. Но, не треба да се заборави евроатлантската перспектива на сите Албанци, во Албанија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора или каде било. Ние максимално ќе се обидеме да ги помогнеме нашите соседи да напредуваат на европскиот и евроатлантскиот пат. Важно е да бидеме обединети, не само како Албанци, туку и сите прогресивни сили во регионот за заедничката иднина на Западен Балкан во европското семејство, рече Игли Хасани вг/ац/

Остани поврзан