• сабота, 28 декември 2024

Османи: Ниту една рестриктивна мерка не е подобра од личната свест

Османи: Ниту една рестриктивна мерка не е подобра од личната свест
Скопје, 1 јуни 2020 (МИА) - Она што го научивме од вирусот е дека ниту една колективна или рестриктивна мерка не е подобра од личната свест и личната заштита на граѓаните. Само доколку секој се грижи за своето здравје и здравјето на своите најблиски, преку многу лесни мерки - носење маска е најлесната мерка што може секој да ја преземе, личната хигиена и однесувањето, се единсвениот начин да се заштитиме. Колективните мерки очигледно не ги даваат резултатите. Овие случаи, овој пик денеска, е резултат на зараза во текот на полицискиот час. Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, во кругот на Градската општа болница „8 Септември“, ги предаде во употреба респираторите кои како донација ги обезбеди Норвешка. Тој повтори дека за спречување на ширењето на Ковид-19 се најважни борбата против лажните вести и конспиративните теории, сфаќање сериозно на последиците од болеста и личната заштита и однесување. - Во главниот Кризен штаб денеска ги разгледавме сите бројки и причини за зголемениот број новозаразени. Поголемиот дел од новозаразените се во рамки на неколку семејства, односно познати кластери, но бројките сепак се загрижувачки и трендот е загрижувачки кај 20 проценти од вкупниот број на тестирани. Така што Комисијата ги прави анализите дали тоа е резултат на непочитување на личните мерки на заштита или постојат и други причини, рече Османи. Вицепремиерот повтори дека пандемијата е се уште присутна, а вирусот е опасен, отфрлувајќи ги сите конспиративни теории на заговор што се шират во овој период, кои, како што рече, се обидуваат да ја намалат важноста на пандемијата и последиците што ги причинува вирусот. - Само доколку сите се однесуваме како да сме позитивни во однос на Ковид и ако контактираме со секој човек како да е позитивен, тоа е најдобриот начин како да се заштитиме. Ниту една колективна мерка, ниту еден полицаец не може да не контролира како се однесуваме дома или на работа. Единствениот начин е да сфатиме дека ова е сериозна болест која убива, дека со нашето однесување ги убиваме најблиските, рече Османи. Тој потсети дека научните истражувања покажуваат оти носењето маска до 80 отсто ја намалува трансмисијата на болеста и оти многу малку е потребно за да се спречи оваа нагорна крива на заразата. Османи изрази благодарност од име на Владата до Норвешката амбасада и до норвешката држава што, како што рече, направи напори овој период и покрај ограничениот пазар и испрекинатиот синџир на транспорт, да обезбеди 20 апарати за кислородна поддршка што ги дистрибуираме во општата болница „8 Септември“, дел тука, дел во другите болници низ државата, а со цел да се помогнат најтешките пациенти заразени со Ковид-19. Тој најави дека во наредните денови ќе пристигнат нови донации од Естонија и Бугарија, со цел да се помогне на здравствениот систем во услови кога солидарноста претставува најважниот фактор во справување со пандемијата. нд/сп/

Остани поврзан