• сабота, 21 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Османи на средби со Гарсија Перез и Вебер: Поддршка од европските социјалдемократи и конзервативци за евроинтеграцијата на земјава

Османи на средби со Гарсија Перез и Вебер: Поддршка од европските социјалдемократи и конзервативци за евроинтеграцијата на земјава

Брисел, 26 април 2023 (МИА) - Владата вложува максимални напори за заокружување на уставните измени како наша преземена обврска, со цел отворање на првиот кластер „Темели“ до крајот на оваа година и динамизација на пристапниот процес, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешните одвоени средби во Брисел со претседателите на двете најголеми пратенички групи во Европскиот парламент - Ираче Гарсија Перез од групата на Социјалисти и демократи (СД) и Манфред Вебер од Европска народна партија (ЕПП), кои ветија силна поддршка за европскиот пат на земјава, како и досега.

Како што соопшти МНР, Османи ја реафирмираше позицијата на државата, како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, целосно усогласувајќи се со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со значајна поддршка за Украина.

Шефот на дипломатијата истакна дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, потребни се краткорочни видливи и опипливи бенефити преку забрзана интеграција на државата, што ќе овозможи поголемо зближување во политичка, социјална, а пред сѐ, во економска смисла.

- На средбите стана збор и за регионалната динамика и придонесот на нашата држава кон регионалната стабилност и културата на дијалог со цел зајакнување на регионалната безбедност, продлабочување на добрососедските односи и унапредување на регионалната соработка, се посочува во соопштението.

За време на денешната работна посета на Брисел, Османи учествуваше и на тркалезна маса со известителите во сенка и европратениците здружени во неформалната група „Пријатели на Република Северна Македонија“, меѓу кои и Ирена Јовева, Андреас Шидер, Илхан Ќучук, Кристијан Сагарц, Марион Валсман, Тијс Ројтен, Мaсимо Касталдо и Влад Ботош.​ сп/

Фото: МНР

 

Остани поврзан