• среда, 27 ноември 2024

Османи: На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан

Османи:  На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги окарактеризира обвинувањата на албанската опозиција во однос на иницијативата Отворен Балкан како обид за стекнување ситни политички поени. Воедно, најави дека на првата наредна седница на Влада на која иницијативата ќе биде тема, ќе предложи излегување од Отворен Балкан. 

-Ова што го прави опозицијата е непознавање на регионалната соработка, непознавање на меѓународните прилики и обид да профитираат ситни политички поени на теми што не ги знаат. Тоа е нивната најголема слабост и што не ја знаат надворешната политика. Немаат искуство и претендираат да влезат во еден ринг со луѓе коишто цел живот го посветиле на оваа тема, рече денеска Османи на новинарско прашање по прес-конференција во МНР.

Во однос на Отворен Балкан, тој појасни дека тоа било повеќе идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, како обид за помирување, односно, како што рече, „една егзит стратегија за Србија да може да воспостави односи со Косово, па и меѓусебно признавање“. Според него, по настаните во Бањска немало состанок или наше присуство на Отворен Балкан.

-Во Отворен Балкан ние не сме присуствувале после Бањска, бидејќи тоа беше мојот став тогаш, бидејќи беше веднаш после настанот. Реков ако се потврди дека Белград има вмешаност, тогаш навистина го прави невозможно, бидејќи идејата на Отворен Балкан беше поинаква. Беше идеја да се воспостави една можност за Србија и Косово полека да почнат да создадат предуслови за меѓусебно признавање и воспоставување дипломатски односи, како една од иницијативите покрај економската соработка, итн. Се разбира секоја држава ја истакнуваше својата перспектива. Некои ја истакнуваа економската соработка, некои ја истакнуваа мобилноста на граѓаните, некој го истакнуваше помирувањето. Ние, зборам сега и како политичка партија, ако можам да кажам во тоа гледавме можност за помирување и меѓусебно признавање, бидејќи таква беше идејата на премиерот Рама. Меѓутоа, ова со Бањска навистина ги поремети тие односи. Затоа јас не сум присуствувал веќе на тие средби, и нема да присуствувам, вели Османи.

Прашан да појасни дали Северна Македонија е се уште членка на Отворен Балкан, тој вели дека е тоа негов став да не присуствува на состаноци на оваа иницијатива. 

-Ова е мој став кој што на прва седница на која што ќе се разговара за оваа тема јас ќе ги презентирам податоците коишто ги имам преку мојот пристап до информациите на НАТО и на ЕУ, и на партнерските земји, и ќе го предложам тоа, вели Османи.

Тој најави дека како претседателски кандидат на Европскиот фронт и на ДУИ планира да воспостава нова претседателска иницијатива, Самит на хармонзираните сто отсто со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. вг/ац/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан