• сабота, 23 ноември 2024

Османи на посета на Генералниот конзулат во Њу Џерси

Османи на посета на Генералниот конзулат во Њу Џерси

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на престојот во Соединетите Американски Држави го посетил Генералниот конзулат во Њу Џерси.

Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи укажал дека давањето ефикасни услуги за нашите државјани низ светот е приоритет број еден.

- Се друго може да чека, нашите државјани да не чекаат, рекол Османи.

Во соопштението се наведува дека покрај другите конзуларни услуги, Конзулатот врши и издавање на нови патни исправи, при што во последно време се врши фотографирање на над 35 наши државјани дневно, за што Конзулатот работи во две смени и за време на викенд.

- Според извештајот на Конзулатот, бројот на барања за конзуларни услуги оваа година е значително поголем од лани. Од почетокот на 2024 година, до 22-ри февруари Конзулатот има издадено 49 полномоштва, 56 патни листови, 1 спроводница, 273 патни исправи и веќе има потврдено 1282 термини за сликање за нови патни исправи. Додека во текот на 2023 година, имаше вкупно 434 барања за патни исправи, 136 патни листови, 4 полномоштва и 18 спроводници, се наведува во соопштението.

Минатата недела, како што информира МНР, Османи остварил посети и на дипломатско-конзуларните претставништва во Бон, Минхен, Берн, Венеција, Виена и Брисел. бак/

Фото: МНР

Остани поврзан