• среда, 13 ноември 2024

Османи на бизнис-форум во Токио ги презентираше суштинските параметри на економијата на Северна Македонија

Османи на бизнис-форум во Токио ги презентираше суштинските параметри на економијата на Северна Македонија

Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Како полноправна членка на НАТО и на самиот праг на преговорите со ЕУ, Република Севена Македонија во моментот претставува атрактивна бизнис-дестинација, со најголем потенцијал за прогресивен развој и одлични бизнис-можности за компаниите кои претендираат да го освојат европскиот пазар, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој во рамките на работната посета на Јапонија организираше бизнис-форум во седиштето на Јапонската организација за надворешна трговија (ЈЕТРО) во Токио.

Османи, како што соопшти МНР, ги презентираше суштинските параметри на економијата на Северна Македонија, како земја со стабилен економски и финансиски систем и со исклучително поволни услови за странски инвестиции.

Министерот за надворешни работи ја истакна одличната геостратешка позиција на земјава, отворениот пристап до европскиот пазар од над 650 милиони потрошувачи, ниските оперативни трошоци, како и висококвалификуваната работна сила.

Османи нагласи дека многу европски компании во последниве години со отворањето нови производствени капацитети во нашата земја, како и проширување на постојните инвестиции, ја имаат согледано компаративната предност на нашата економија и поволностите кои ги нуди владината Програма за инвестиции.

Пред учесниците на форумот тој истакна дека Северна Македонија е особено атрактивна дестинација за странските инвеститори од автомобилската индустрија, но и енергетиката, ИТ-индустријата и други сектори.

Настанот го отвори претседателот на ЈЕТРО, Казушиге Нобутани, а покрај министерот Османи, презентации одржаа и генералниот директор на претставништвото на ЈЕТРО во Виена, Татсуо Камино, како и Хиденори Ватанабе, директор на претставништво на јапонската ИТ-компанија Writerity Inc. во Северна Македонија.

На бизнис-форумот учествуваа повеќе од триесетина високи претставници на реномирани јапонски компании, меѓу кои Хонда, Митсубиши, Нипон Коеи, кои изразија силен интерес за поволностите кои Северна Македонија ги нуди за странските инвеститори. ац/сп/

Остани поврзан