• среда, 25 декември 2024

Османи: Мора да постигнеме консензус за евроатлантската интеграција и меѓуетничките  и добрососедските односи 

Османи: Мора да постигнеме консензус за евроатлантската интеграција и меѓуетничките  и добрососедските односи 

Скопје, 15 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи на денешната прес-конференција истакна дека меѓуетничките односи, добрососедските односи и евроатлантската интеграција се „трите свети столбови за кои мора да постигнеме консензус“.

-Не смееме заради  кој било партиски или политички интерес да ги жртвуваме столбовите на кои почива стабилноста, хармонијата и прогресот на оваа држава, а тие се три - меѓуетничките односи, добрососедските односи и евроатлантската интеграција. Ова се свети столбови на кои што мора да постигнеме консензус и кои не смеат да бидат тема на овие избори и на било кои избори. Тоа го барам од оваа кампања. Трите столба да ги чуваме, рече Османи.

Османи повторно упати покана до кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова на телевизиска дебата и на неговиот поткаст.

-Еве уште еднаш пред вас ја повикувам госпоѓа Силјановска Давкова да се појави на дебата со мене за да разговараме за сите аргументи поврзани со овие две алтернативи - интеграција наспроти изолација. Вие сами знаете, прекршување на Преспанскиот договор, прекршување на Договорот за добрососедство, прекршување на Охридскиот договор, уште првиот ден ќе донесе изолација на оваа држава, ќе станеме слепо црево на Балканот. Ќе почнат тензиите во односите. Заборавивме на тепачките по автобусите, заборавивме на тепачките по училиштата. Овој дух што го промовираат - дајте ни 61 за да не зависиме од Албанците, дајте ни 61 за да не зависиме од Турците, од Ромите, од Бошњаците, е само обид за супремација на една заедница врз друга. Такви филмови на супремација се виделе од Втора светска војна навака. Оваа држава стигна толку многу, стана пример за мултиетничка функционална демократија. Би посакувале многу држави во светот да имаат тоа што ние го имаме. Нека дојде на мојот поткаст и ќе ги аргуменитраме сите наши разлики по однос на двата алтернативни концепта, рече Османи.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан