• недела, 24 ноември 2024

Османи - Лирман: Германија останува стратешки партнер за нашите европски интеграции

Османи - Лирман: Германија останува стратешки партнер за нашите европски интеграции
Скопје, 17 јануари 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се сретна со министерката за Европа и клима при Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман. - Посетата доаѓа многу брзо по нејзиното преземање на оваа функција во новата германска влада предводена од канцеларот, Олаф Шолц и само еден ден по изгласувањето на новата влада во нашата земја, чија определба останува иста – евроатлантски континуитет со приоритет на европските интеграции како стратешки интерес на Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи. На состанокот, како што посочуваат, се разговарало за политиката на проширување како важна алатка на надворешното дејствување на ЕУ и евроинтегративното досие на земјата како клучно за кредибилитетот на Унијата, при што била реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Северна Македонија. - Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот. Почетокот на пристапните преговори ќе претставува валоризација на досега сработеното, што во голема мера е постигнато и со поддршка на Германија, чија надворешна политика принципиелно ги застапува и вреднува нашите европски аспирации во овој процес, истакна Османи. Министерката Лирман го поздравила напредокот на земјата и нагласила дека земјата заслужува почеток на пристапните преговори и посочила дека ќе даде силна поддршка кон остварување на оваа заедничка стратешка цел. - Односите и соработката меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија ги карактеризира интензивен политички дијалог и значајна динамика на соработка во сите области. Германија е клучен политички и економски партнер на нашата земја, како и значаен партнер во процесот на европските интеграции на Република Северна Македонија. Германија подолг период е најголем трговски партнер на нашата земја. Преку разни регионални проекти за ЕУ, Германија дава поддршка на нашите напори во исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда, се вели во соопштението на МНР. мс/дма/  

Остани поврзан