• среда, 13 ноември 2024

Османи: Косово ќе биде членка на Советот на Европа, само е прашање на време кога

Османи: Косово ќе биде членка на Советот на Европа, само е прашање на време кога

Приштина, 17 мај 2024 (МИА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, откако прашањето за членството на Косово во Советот на Европа денеска не беше ставено на дневен ред во Комитетот на министри, изјави дека „Република Косово ќе биде 47-та членка на Советот на Европа“ и дека тоа е едноставно прашање на време, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи на својата официјална страница на „Х“ порача дека, на својот пат кон СЕ, Косово нема да прави компромиси со вредностите кои го сочинуваат темелот на државата.

„Република Косово ќе биде 47-та членка на Советот на Европа. Тоа е само прашање на време. На овој начин нема да ги нарушиме вредностите кои го сочинуваат темелот на нашата земја. Откако ќе стасаме таму, ќе продолжиме да се залагаме за столбовите дефинирани од Советот на Европа: човекови права, демократија и владеење на правото. Нема да служиме како продолжена рака на Русија или како модел на автократско однесување“, напиша Османи.

Косовската претседателка им се заблагодари на земјите кои досега ја поддржувале нејзината држава на патот кон членство во СЕ.

„Заедно ќе работиме оваа победа на човековите права да стане реалност порано или подоцна“, порача Османи.

Косово веќе помина две фази во процесот на прием во европската организација, а Комитетот на министри е тој што одлучува дали некоја држава ќе биде примена или не во Советот.

Откако на 16 април беше изгласана препораката за прием на Косово во Парламентарното собрание на СЕ, неколку држави поставија услов Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) доколку сака да стане членка на организацијата со седиште во Стразбур.

Вчера, преку писмо испратено до СЕ, Косово соопшти дека ветува оти до крајот на мај ќе подготви нацрт-статут за ЗСО и ќе го испрати до Уставниот суд на толкување. Со ова ветување, Косово рече дека го исполнило условот што го поставија неколку членки на СЕ и побара да биде примена во членството на европската организација за човекови права.

Сепак, Германија, една од земјите што го постави условот за Косово во СЕ, рече дека го смета за „конкретен чекор“ само кога Косово ќе го поднесе нацрт-статутот за ЗСО до Уставниот суд.иа/

Остани поврзан