• сабота, 23 ноември 2024

Османи - Конаковиќ: Северна Македонија е подготвена да и ги пренесе на БиХ своите искуства од евроатланската интеграција

Османи - Конаковиќ: Северна Македонија е подготвена да и ги пренесе на БиХ своите искуства од евроатланската интеграција

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Северна Македонија е подготвена за пренесување на своите искуствата на Босна и Херцеговина во процесот на евроатланско интегрирање, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во телефонски разговор со неговиот босански колега Елмедин Конаковиќ.

Честитајќи му го стапувањето на должност, Османи, како што соопшти МНР, изрази задоволство за високиот степен на пријателски односи и досегашната билатерална соработка меѓу двете држави, како и убеденоста дека постои можност и потенцијал за нивно проширување, преку конкретни проекти и иницијативи, особено економската соработка. 

- Одлуката да се даде статус на земја кандидат за членство во ЕУ е важна за реформски курс на Босна и Херцеговина и од големо значење е за стабилноста и севкупниот развој на регионот и неговата што поскора интеграција во ЕУ, нагласи Османи.

Посебен осврт во разговорот е направен на регионалната соработка, со фокус на претседавањето на Северна Македонија со САД-Јадранската повелба (А5) и ОБСЕ. Во тој контекст, се разговараше и за претстојниот министерски состанок во рамките на А5, што ќе се одржи на 27 и 28 март, како и на посетата на теренската мисија на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, планирана за реализација во текот на месец април. мс/сп/

фото/МНР

 

 

Остани поврзан