• недела, 17 ноември 2024

Османи - Камерон: Британска поддршка за натамошен развој на нашата демократија

Османи - Камерон: Британска поддршка за натамошен развој на нашата демократија

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи и Претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи вечерва во пресрет на Министерскиот совет на ОБСЕ оствари средба со Дејвид Камерон, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство, во чиј фокус, како што информираат, биле билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство кои се поставени на највисоко ниво во изминатите три децении.

На средбата, Османи го информираше Камерон за Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и предизвиците со кои Организацијата се соочува, за чие решавање клучен ќе биде Министерскиот совет кој од утре и официјално започнува во Скопје.

- Нашиот партнер, Обединетото Кралство, низ годините одигра клучна улога во растот на Северна Македонија во независна европска демократија, рече Османи на средбата.

Османи, се вели во соопштението од неговиот кабинет, го информираше Камерон за активностите што Северна Македонија ги презема во насока на зајакнување на функционирањето на демократските институции и владеењето на правото, области кои се клучни во остварувањето на крајната цел – полноправно членство во Европската Унија. 

- Северна Македонија продолжува да биде активен и конструктивен чинител на регионално ниво, давајќи суштински придонес за натамошното продлабочување на добрососедските односи, регионалната соработка и зајакнувањето на регионалната безбедност, рече Османи на средбата. аа/

Фото: МНР

Остани поврзан